Се очекува Владата денеска на седница да донесе одлука за вршење проверка во сите правни субјекти коишто се занимаваат со одгледување марихуана и производство на масло од канабис, како резултат на констатираните неправилности и непочитување на Законот кој ја регулира оваа област во неколку правни субјекти, поради што имаше заплена на 40 тони марихуиуана. Премиерот Христијан Мицкоски, вели дека не ја исклучува можноста количината на запленета марихуана да расте и да се искачи на 100 тони. Смета дека законското решение е во ред, но, оти проблем е што тоа не се почитувало и оти се постапувало по донесен правилник, кој бил во колизија со Законот.
Премиерот вели дека во одреден период кога се доделувале лиценците министер таму бил Венко Филипче, но потенцира, проблемот не е во лиценците туку во правилник кој е во спротивност со законот.
– Можете да претпоставите дека во одреден период министер таму е Филипче. Но, лиценците се една работа, а втора работа е што е донесен правилник којшто е ниво под законот, односно е подзаконски акт со кој практично се дозволува да се произведува цвет од канабис којшто не ги задоволува ГМП нормите. Тие биле свесни дека тоа ќе се случи и ако не ги задоволува тие норми, логично е дека со неговото користење или во процесот на екстракција, маслото кое се произведува не може да биде лиценцирано и да се најде во продажба, односно да биде пуштено во продажба. Тоа било многу јасно и за тие кои што го носиле тој правилник. Сега вистинското прашање кој бил мотивот да се донесе таков правилник, ако вие знаете дека не можете да го постигнете квалитетот за да произведете масло коешто ќе се продава на пазарот и коешто ќе ги исполнува нормите? И тука треба да се направи една сериозна истрага, вели премиерот.
Додава дека ова е само почеток на истрагата и акцијата и оти од индикациите и информациите од спроведената истрага од страна на МВР станува збор за многу сериозна работа.
На 7 февруари Министерството за внатрешни работи информира дека во тек е опсежна акција, во чии рамки е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица, пак, од југоисточниот регион, одземени се над 31 тони марихуана и биомаса.


