Агенцијата за електронски комуникации и Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти во месец март 2020 година го организираа првиот национален натпревар во сајбер-безбедност, CyberMK 2020.
Натпреварот беше од отворен каракатер со фокус на младите од 15-27 години и студентската популација, со цел да се подигне свеста за важноста на сајбер-безбедноста и да се стимулира повеќе интерес кон оваа стручна тематика.
CyberMK 2020 се одржa целосно онлајн, со индивидуално и тимско натпреварување спроведено во фази. Натпреварот вклучуваше задачи и предизвици од различни области на сајбер-безбедност како што се етичко хакирање, откривање на упад, компјутерска форензика, анализа на логови, Reverse engineering и друго. Натпреварувањето комбинираше примена на елементи за дизајн на игри и принципи на игра, со интерактивни предизвици, за тестирање на знаењето за сајбер-безбедност во широк спектар на домени.
Во индивидуалното натпреварување, учесниците се натпреваруваа во три категории. Со многу предизвици, многу задачи, беше неизвесно до самиот крај.
Најдобри во индивидуалниот натпревар беа:
Attacker – Филип Илиески
Responder – Михаил Рујаноски
Defender – Гордан Јосифовски
Во тимското натпреварување се натпреваруваа ограничен број на тимови кои се состоеја од најмногу три лица.
Во овој дел од натпреварот првите топ три места ги заземаа следните тимови:
1 место – Can’t Understand Normal Thinking (Димитар Тодоров, Михаил Рујаноски, Гордан Јосифовски)
2 место – Albatross (Давид Милановски, Весна Петровска)
3 место – MF^2 (Мартин Димитриевски, Филип Илиески, Филип Симеонов)
За победниците Агенцијата обезбеди одреден фонд за награди – курсеви со светски признат сертификат, што беше дополнет благодарение на спонзорства во облик на лаптопи, таблети и останата ИТ опрема.
Согласно правилата на натпреварот кои беа јавно достапни и со цел да се поттикнат младите да земат активно учество во натпреварот, лицата кои се натпреварувале, но активно се бават со сајбер-безбедност не се квалификувани за награди. Поради тоа наградата од тимот на MF^2 што ја добил Филип Симеонов ќе биде доделена на следниот најдобро пласиран учесник од индивидуалниот натпревар по вкупно освоени бодови. Исто така со оглед на фактот дека во тимот кој освои второ место се натпреваруваа само двајца учесници, наградата за трет член ќе биде доделена исто така на најдобар следен индивидуалец. Според конечната ранг листа, учесниците кои ќе ги добијат овие награди се: Aлександар Трајчевски и Јован Велковски.
Агенцијата за електронски комуникации го организираше овој натпревар во соработка со Латрон Солушнс и Silensec бидејќи важноста на сајбер-безбедноста со дигитализацијата станува се поголема, а со тоа и потребата за професионалци во оваа област. Токму затоа една од целите на овој натпревар беше да се зголеми интересот за стекнување на знаење и примена на вештини од областа на сајбер-безбедноста, со цел развој на идни професионалци за сајбер-безбедност во државата.
Пронајдете не на следниве мрежи: