Цел македонски народ кој одбра Македонија, денес е очигледно неважен

Овој извадок е од Службен весник од 1974 година. Во него стои: РЕШЕНИЕ ЗА ИМЕНУВАЊЕ ЧЛЕНОВИ НА ОПШТИНСКИТЕ ИЗБОРНИ КОМИСИИ ЗА ИЗБОР НА ДЕЛЕГАТИ ВО СОБРАНИЈАТА НА САМОУПРАВНИТЕ ИНТЕРЕСНИ ЗАЕДНИЦИ ЗА ТЕРИТОРИЈАТА НА СОЦИЈАЛИСТИЧКА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА. За Претседател во Општина Кичево е избран Круме Китески, дипломиран правник. Мојот дедо.
Во 1991 година, иако не стои во записите на Службен весник, мојот дедо беше избран за Претседател на Општинска изборна комисија, повторно. Беше Претседател за време на Референдумот со кој Македонија стана независна држава. Дедо ми не бил неук човек. Не бил необразован. А бил патриот. И храбар. И сите други кои во поновата историја на Македонија се избориле со чумата и одлучиле да живеат во оваа држава. Држава која секако им припаѓа. И нам. Кој има право да ме спречи да си го сакам името и државата и да ја отпишам храброста на една поинаква генерација?
Денес тоа изгледа многу далечно. Цел македонски народ кој одбра Македонија, денес е очигледно неважен. Некои луѓе денес одлучија дека е нивно право да одлучат за нас. Како ние да сме безгласни, иако силно се слушна гласот на народот. Молкот некогаш е најсилен крик! Не убедуваат дека е добро да се откажеме од она што е наше, за да одиме меѓу некои кои се туѓи. Не убедуваат дека таму се’ ќе биде подобро, дека ќе цути образование, дека здравството нема ни да ни треба зошто од што ќе е убаво, нема ни да се разболиме. Ама само ќе не поканат да не поканат. Ќе почекаме пред врата. Моето минато, а и мојата сегашност, ме тераат да размислувам повеќе емотивно во врска со ова. И тоа е мое право. Но, ова не е глуво тупање во гради за името или идентитетот. Тоа веќе е одлучено дека ќе ни го земат. Ама дека ќе одиме некаде напред? Не. Да си шептиш во сопствениот дом кој си, звучи како едно далечно, болно минато во македонската историја.
Се изнагледав еден куп статуси од луѓе кои добро ги познавам, а кои гордо навиваа да се смени името и да се насочиме кон, како што викаа, европскиот пат, па да станеме Европска Македонија. Е вака да ви кажам:
– во таа Европа во која се крстите, ќе треба да седнете на столче и да учите за да завршите факултет. Таму нема 45 казнени сесии, нема јавување на тато и мама за да положите испит.
– во таа Европа, нема да чекате по 2 саати во болница, зошто нема да имате пари ни за пред вратата на болницата. Пред да се дерете за тоа какво е здравството низ Европа, видете колку чини.
– никој нека не ве лаже дека ќе земате плата 500 евра.
– дополнително на тоа, ќе пропаднат сите кафани во Македонија, зошто ќе мора да седите на работа колку што е работно време, а не да сте 8 саати на пауза.
И вака до недоглед. Никој нема да не “дотера”, дури не се “дотераме” сами. А и тоа е далеку. Не е ниту смешно, а уште помалку срамно, што си ја сакам државата зошто ми е оставена во наследство. И вас. Ама за кого-како.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.