Цените на нафтата паднаа за околу 12 % во првите шест месеци од годината

На светските пазари минатата недела цените на нафтата пораснаа, но во целата прва половина од годината паднаа за околу 12 отсто бидејќи централните банки продолжуваат да ги зголемуваат каматните стапки поради високата инфлација, што ќе го забави растот на економиите.
Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела се зголеми за 1,4 отсто, на 74,90 долари, додека на американскиот пазар барелот поскапе за 2,1 отсто, на 70,64 долари.

Сепак, ова само го ублажи падот на квартално и полугодишно ниво. Во првите шест месеци од годинава цената на барелот на лондонскиот пазар падна за 12,8 отсто, а на американскиот пазар за 12 отсто.
<Тоа е последица на забавувањето на растот на економиите на западните земји, бидејќи поради високата инфлација централните банки повеќе од една година ги зголемуваат каматните стапки.
И како што се забавува економскиот раст, се забавува и растот на побарувачката. Покрај тоа, кинеската економија, најголемиот увозник на нафта во светот, не се опоравува од кризата со корона толку брзо како што се очекуваше по укинувањето на рестриктивните мерки за ковид.

За поддршка на цените, Саудиска Арабија објави дека во јули ќе го намали производството за уште еден милион барели дневно. Дополнително, Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници го продолжија договорот за намалено производство до крајот на годината.
Но, монетарните власти на западните земји, од американската ФЕД до Европската централна банка, најавуваат натамошни зголемувања на каматните стапки за да се ограничи инфлацијата, што дополнително ќе го забави економскиот раст.
„И покрај новите најави за намалување на понудата од ОПЕК + и Саудиска Арабија, цените на нафтата останаа под 80 долари за барел бидејќи макроекономските проблеми во моментов се поважни за трговците отколку основните показатели за понудата и побарувачката“, објаснуваат аналитичарите на HSBC во нивниот преглед на состојбата на пазарот.

„Сметаме дека така ќе биде и во дел од летото, иако прогнозата за голем дефицит во втората половина од годината, од околу 2,3 милиони барели, треба да даде одреден поттик на цените“, додаваат тие.
Според анкетата на Reuters во која учествуваа 37 економисти и аналитичари, цените оваа година веројатно нема да пораснат, со оглед на проблемите во светската економија.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.