Ципрас: “Си ја добиваме историјата назад“

Утрово во 9 часот по локално време започна третото и последно продолжение на пленарната седница за ратификација на нацрт-законот на Министерството за надворешни работи на Грција за Договорот од Преспа. Предвидено е гласањето да се одржи во 14:30 часот, доколку не се пролонгира за подоцна, заради големиот број пријавени пратеници за збор, јави дописничката на МИА од Атина.
-Во овој момент се наоѓаме еден чекор пред историски настан, рече грчкиот премиер во неговото обраќање и додаде дека по речиси 30 години неактивност и по една цела година исцрпни преговори, „доаѓаме до крајот на еден исцрпувачки процес”.
Што се однесува до тоа дали со Договорот се признава државјанство или националност, Ципрас го повтори истото што го кажа и Катругалос.
-Државите признаваат држави. Не признаваат народи, и да сакаше Коѕијас да им даде националност не можеше бидејќи меѓународен договор не може да признава националност, туку само државјанство, рече Ципрас.
Тој, исто така, истакна дека земјата со „овој договор ги добива назад историјата, симболите и античката грчка историја”, но и дека се става крај на иредентизмот. Говорот го заврши со пораката: “ време е за национална самодоверба и национална гордост, ова е историски ден”.
И додека пратениците беа во Парламентот пред него се одржа протест против Договорот од Преспа, а демонстрантите извикуваа „Македонија е грчка“, „Скопјане, нема никогаш да станеш Грк“… Со плакати тие побараа референдум, но и оставка од грчкиот претседател Павлопулос. Полицијата приведе 135 лица од кои 10 беа уапсени. Демонстрациите повторно завршија со инциденти, а повреден беше еден полицаец.

 

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.