Конкурсот за прием во студентските домови е скандалозен, без бодување и јасна методологија, реагираат од Црвена Младина.
– Во текот на вчерашниот ден Министерството за образование и наука ги објави резултатите од конкурсот за прием на студенти во студентските домови во Македонија. Конкурсот е најблаго кажано скандалозен. Листите кои ги објави МОН немаат никакво бодување и не е објавена јасна методологија за селекција. Поради тоа студентите не можат да знаат зошто се прифатени или одбиени, се дава ветер во грб на корупцијата и овозможува селекцијата на студентите да не е објективна.
Ваквото постапување стана пракса последните години и за тоа сме реагирале и претходно, а истото е потенцирано и во извештајот на Државниот завод за ревизија од март оваа година, каде е наведено дека селекцијата на студентите била правена рачно, без бодување, што оставило простор за субјективно постапување и фаворизирање на дел од студентите. Резултатите од овој конкурс покажуваат дека министерката Јаневска планира да продолжи по стапките на нејзините претходници.
Резултатите МОН ги објави вчера, па поради продолжениот викенд студентите ќе можат да се вселат дури во вторник (10-ти септември). Ова доцнење на МОН беше случај и минатите години, а на студентите им се бараше да ја платат полната цена за месец септември, иако поради доцнењето на МОН добар дел од месецот тие не можеа да престојуваат во студентските домови. На овој начин министерството директно ги има оштетено студентите затоа што тие мораат да платат за нешто што го немаат во потполност добиено.
Ситуацијата станува уште поалармантна поради тоа што во Скопје, два од четирите студентски дома се затворени оваа година поради реновирање на истите. За споредба, во 2020-та година во студентските домови во Скопје на располагање биле 4015 легла, за оваа година таа бројка да изнесува 2583, што е драстично намалување.
Тоа значи дека голем број од студентите што студираат во Скопје се одбиени, па тие се принудени да бараат приватно сместување, а кириите на становите се рекордно високи. Ова е директен удар врз секој студент што се бори за основни услови за студирање, додека системот очигледно ги фаворизира оние кои ги „познаваат вистинските луѓе“ или се дел од партиски структури од власта.
Како одговор на ова, пратениците на Левица ќе понудат закон за ограничување на кириите, со цел да се спречи експлоатацијата на студентите од алчните рентиери. Потребни се итни и конкретни мерки за заштита на младите од овие општествени неправди, и ЦрвенаМладина нема да престане додека тоа не го обезбеди! – велат од Црвена Младина.