Црквата не се откажува од протест, власта продолжува со јавна расправа

Владејачката СДСМ најави поширока дебата за Законите за матична евиденција и за родова еднаквост, но, црквата не отстапува од најавениот протест за в четврток.

Светиот Синод на МПЦ-ОА е на ставот дека протестот не е насочен против членовите на ЛГБТИ+ заедницата и со ништо не ги попречила активностите на невладините организации кои ги застапуваат нивните права, но е против измените на двата закони.
МПЦ-ОА веќе е дел од јавната дебата и ќе седне на маса за да ги даде своите предлози како двата закони треба да изгледаат.

Во меѓувреме, измените на Законот за водење на матична евиденција се уште не се повлечени од Собранието.

До мене се стигнати предлог законите. Досега стојат предлог законите. Во меѓувреме кога и да има поинакво барање, соодветно ќе се постапи, рече претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Инаку, Џафери на брифинг со новинарите рече дека тој лично, но и ДУИ е против овие измени и тој нема да ги гласа. Неговиот став е дека неговата вера има само едно гледиште на семејството.

Вицепремиерот за економски прашања, пак, во колумна објавена во „Слободен печат“ вели родовата еднаквост во општеството не е задоволување потреба за политички луксуз или за делење незаслужени привилегии на одредени групи, туку стремеж за целосно заживување на идејата дека секој поединец треба да има еднакви права, можности и слободи

  • Родовата еднаквост во економската сфера не е само прашање на застапеност, туку и средство за постигнување подобри економски резултати. Овде може да се нагласи и една социјална димензија во која родовата еднаквост придонесува за подобри здравствени резултати, подобрено образование за децата, намалено насилство врз жените и за посилни врски во семејството и во заедницата, вели Битиќи.

Инаку, МПЦ очекува поддршка и од другите верски заедници во државата, иако засега не добиле официјална потврда за нивно учество на протест. Католичката црква веќе најави дека ќе има свои претставници, а ИВЗ се уште одлучува во каков облик ќе ги поддржи протестите.
Измените во Законот за матична евиденција предлагаат секој полнолетен граѓанин, кој е деловно способен и кој не е во брак да има право на правно признавање на родот.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.