Под превентивни мерки, со дискретно полициско присуство, без осветување на водите во надворешните делови, без литии и без фрлање на крстот, но со отворени цркви за верниците и можност за причестување, Грците денеска прославуваат Водици, уште еден празник одбележан поинаку поради пандемијата, но и поради карантинот.
Иако Владата забрани црквите денеска да бидат отворени за верниците, сепак Светиот Синод на Грчката православна црква одлучи литургиите да се одржат, но под истите мерки како и за Божиќ и Нова година, односно со дозволени најмногу 25 лица во помалите и до 50 верници во големите цркви.
Изостана традиционалното фрлање на крстот, но не и осветувањето во самите цркви.
И овој празник во Грција беше прилагоден на околностите наметнати од пандемијата, па така осветената вода на верниците им се делеше во мали шишиња пред Соборните храмови.
Рано утрово во посети една од атинските цркви, каде што се одржа свечена литургија, а веднаш по завршувањето и пред причестувањето, попот ги повика верниците да се придржуваат до превентивните мерки.
Пред конкретната црква, како и пред повеќето во Грција, дискретно беше присуството на полицијата со патролни возила.
Граѓаните за време на литургијата ги почитуваа мерките и го одржуваа потребното растојание, а сите носеа маски, но во редицата за причестувањетодистанцата беше помала од предвидената.
Со оглед на тоа дека мерките наметнуваат ограничен број верници во внатрешноста на црквите, пред соборните храмови имаше граѓани кои чекаа за да се причестат.
Денешниот празник предизвика проблеми во односните меѓу Грчката православна црква и грчката Влада, со оглед на тоа дека меѓу владините мерки од саботата што се однесуваат на оваа седмица беше и забрана за отворање на црквите за Водици, иако пред празниците беше соопштено дека за време на карантинот исклучок ќе има за Божиќ, Нова година и за Водици кога литургиите ќе може да се одржат со присуство на верници.
Светиот Синод на ГПЦ во понеделникот одржа вонреден состанок и соопшти дека „не се согласуваат со мерките и инсистираат на она што беше првично договорено“ и најави дека црквите ќе останат „отворени за учество на верниците на литургија и осветувањето на водите во црквите“.
Од Владата одговорија дека „законот не може своеволно да се спроведува, па да го игнорира секој што не се согласува“ и изразија надеж дека црквата „ќе ја сфати критичноста на конкретниот момент за општеството, како што тоа, одговорно, го правеше досега“.
За време на вчерашната свечена заклетва на новите министри во претседателската палата, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и поглаварот на ГПЦ архиепископот Јеронимос одржаа средба, на која Мицотакис изразил загриженост за позицијата на Светиот Синод и ја повикал црквата да преземе одговорност и да придонесе во напорите за справување со пандемијата.
По средбата со грчкиот премиер, архиепископот Јеронимос, преку циркуларното писмо испратено до митрополитите од цела Грција, повика за време на литургиите да се почитуваат мерките, да не се одржат литии и осветувања на водите во надворешните делови.
Ова беше прв конфликт меѓу Владата и црквата во Грција од почетокот на епидемијата.