Црна Гора, која е кандидат за членство во Европската Унија од 2010 година, се надева дека ќе стане 28-ма членка на Унијата до 2028 година.
Оваа недела Црна Гора направи дополнителен напредок во процесот на пристапување, откако земјите-членки на ЕУ се согласија да започнат со подготовка на договор за пристапување за малата балканска држава.
Во средата, амбасадорите на сите земји-членки на ЕУ соопштија дека одлучиле да формираат „ад хок работна група“ за изработка на пристапниот договор, што претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, го оцени како „клучна пресвртница“ и „голем чекор кон членство во Европската Унија“.
На состанокот на Заедничкиот консултативен комитет, одржан во петокот во главниот град Подгорица, министерката за европски прашања Маида Горчевиќ изјави дека, покрај затворањето на преговарачките поглавја, изработката на пристапниот договор означува „последна етапа од четиринаесетгодишниот маратон на патот кон ЕУ“. Таа додаде дека ова претставува финална фаза од преговорите, со цел членство во 2028 година.
Заедничкиот консултативен комитет, воспоставен меѓу ЕУ и граѓанското општество во Црна Гора, претставува платформа што обезбедува перспектива на граѓанското општество во рамките на институционалната структура на ЕУ во однос на Договорот за стабилизација и асоцијација меѓу двете страни.
Горчевиќ истакна дека граѓанското општество има важна улога во процесот на пристапување, преку учество во работни групи.
На истиот настан, заменик-шефот на Делегацијата на ЕУ во Црна Гора, Рикардо Сери, изјави: „Црна Гора има историска можност да го заврши својот процес на пристапување во Европската Унија.“
„Но нема време за губење – напредокот зависи од спроведувањето конкретни реформи во наредните месеци“, додаде Сери, нагласувајќи дека процесот мора да биде воден од институциите во соработка со граѓанското општество.
Црна Гора, заедно со Албанија, е меѓу водечките кандидати за членство уште од влезот на Хрватска во ЕУ во 2013 година. Земјата има специфичен однос со Унијата, бидејќи иако не е дел од еврозоната, еднострано го има усвоено еврото како валута.
Преговорите траат околу 14 години, но и натаму постојат неколку клучни пречки што Црна Гора се обидува да ги надмине.
Европската Унија воспостави т.н. „кластери“ – групи на критериуми, од даночна политика до заштита на животната средина, кои земјата треба да ги усогласи за да стане членка.
Досега Подгорица има завршено преговори за 14 од вкупно 35 кластери.
Во средата, еврокомесарката за проширување, Марта Кос, изјави дека „местото на Црна Гора во Европската Унија веќе почнува да се обликува“.
„Ова исто така претставува можност да се извлечат поуки од претходните проширувања и да се вградат посилни механизми во идните договори за пристапување, за да се спречи назадување во владеењето на правото и основните вредности“, изјави Кос.



