Марта Кос изјави дека првпат по 10 години постои можност една или две од земјите кандидатки да ги завршат пристапните преговори. Црна Гора и Албанија, како што рече, би можеле да бидат првите нови членки на ЕУ
Словенечката кандидатка за еврокомесар за проширување Марта Кос денеска изјави дека е изводливо до крајот на нејзиниот мандат најмалку две земји да ги завршат пристапните преговори со Европската Унија (ЕУ). Кос изјави дека првпат по 10 години постои можност една или две од земјите кандидатки да ги завршат пристапните преговори. Црна Гора и Албанија, како што рече, би можеле да бидат првите нови членки на ЕУ.
„Ако бидам потврдена, ќе се фокусирам повеќе на изнаоѓање решенија за билатерални прашања“,
рече Кос на сослушувањето пред Комитетот за надворешна политика на Европскиот парламент и додаде:
„Можеме да ги завршиме пристапните преговори со Црна Гора до 2026 година, а со Албанија до 2027 година.“
Порача дека за време на пристапниот процес посебно значење на Западен Балкан треба да се насочи кон помирувањето и регионалната соработка.
Марта Кос е кандидат на Словенија за комесар за проширување. Таа денеска имаше сослушување во Комисијата за надворешна политика на Европскиот парламент (АФЕТ), на која беше потврдена нејзината кандидатура.