Изјавата на српскиот премиер следува откако црногорските власти соопштија дека на претстојното гласање во ООН, Црна Гора ќе гласа за резолуцијата за Сребреница. Овој потег наиде на негодување кај српското малцинство во земјата, но и на реакција од официјален Белград
Резолуцијата што се подготвува претставува стигматизација на еден цел народ и затоа мислам дека оваа одлука која не е само на црногорската влада, туку и на некои други држави во регионот само покажува каков однос тие навистина имаат кон Србија и колку впрочем тие држави се независни, изјави српскиот премиер Милош Вучевиќ во гостување на ТВ „Пинк“.
„Најавите од Црна Гора дека ќе гласа за резолуцијата за Сребреница не прави ништо добро за односите помеѓу двете земји, Црна Гора и Србија“,
вели Вучевиќ.
Тој кажа и дека не е до Србија да и кажува на Подгорица што треба да прави, но посочи дека тие треба да ги оценат и да размислат за сопствените политички интереси, притоа имајќи в предвид дека со овој потег нема да направат ништо позитивно во односите помеѓу двете земји. Како што кажа тој, со оваа одлука, црногорскиот премиер Спајиќ ја префрлил вината за Сребреница, меѓу другото и на една третина од населението во Црна Гора.
„Резолуцијата за Сребреница што се подготвува во ОН има политички, но и правни последици за Република Српска и Србија и за целиот српски народ бидејќи тој ќе биде етикетиран како извршител на геноцид, а тој ден (11 јули) ќе биде одбележан со српските злосторства врз муслиманите“,
кажа Вучевиќ.
За потсетување, црногорскиот премиер Спајиќ најави дека Црна Гора во Генералното Собрание на ООН ќе гласа за резолуцијата за Сребреница, но и за сите резолуции со кои се осудуваат геноциди и злосторства на територијата на поранешна Југославија, со тоа што кажа дека ќе поднесе амандмани на резолуцијата на ОН за Сребреница, кои се однесуваат на индивидуализирање на вината и почитување на Дејтонскиот мировен договор.