Саботата на Мајами Опен беше лош ден за најдобрите американски тенисери, бидејќи Фриц, Пол и Тиафо го завршија настапот во второто коло, на кои им се придружи и десеттиот носител, Гркот Стефанос Циципас. Дождот повторно ја наруши програмата која започна со три ипол часа задоцнување. Но, кога почна, „им се стемни“ на фаворизираните тенисари.
Прво, Томи Пол беше принуден да му го предаде мечот на 20-годишниот Мартин Дам Џуниор откако го доби првиот сет и заостануваше со 1:2 во вториот сет. Додека се упатуваше кон мрежата во еден момент, Пол почувствува болка во левата нога и заврши на теренот со болен израз на лицето. Болката беше таква што полуфиналистот на минатонеделниот Мастерс 1000 турнир во Индијан Велс не можеше да го продолжи мечот.
Така, во своето деби на АТП турнејата, Дам стигна до 3. коло, каде противник ќе му биде Австралиецот Кристофер О’Конел, кој го совлада Френсис Тиафо со 7-5, 7-6 (5). Полуфиналистот на УС Опен од 2022 година има само една победа во неговите први два турнири на Мастерс 1000 оваа сезона и моментално има скор 7-7 во 2024 година.
Својот прв, но и оследен меч годинава во Мајами го одигра и Тејлор Фриц, кој налета на многу расположениот Тиаго Сејбот Вајлд. Бразилецот одлично го исполни зацртаниот план и победи со 6-3, 6-4.
Саботата беше голем ден за Канаѓанецот Денис Шаповалов. Поранешниот Топ 10 играч, кој падна на 126. место на АТП-листата, првпат по минатогодишниот Вимблдон успеа да искомбинира две победи на ист турнир, а тоа го постигна со победата од 6-2, 6-4 против 10. носител Стефанос Циципас.