Претседателот и извршен директор на компанијата за социјални медиуми Мета, Марк Цукерберг во писмо до Судскиот комитет на Претставничкиот дом во понеделникот рече дека неговите тимови биле „притиснати“ од Белата куќа на Бајден да цензурираат одредена содржина околу пандемијата „Ковид-19“.
„Во 2021 година, високи функционери од администрацијата на Бајден, вклучително и Белата куќа, постојано вршеа притисок врз нашите тимови со месеци да цензурираат одредени содржини за Ковид-19, вклучително и хумор и сатира, и изразија голема фрустрација со нашите тимови кога не се согласивме“, наведува Цукерберг.
Во своето писмо до судскиот комитет, Цукерберг вели дека притисокот што го чувствувал во 2021 година бил „погрешен“ и дека „жали“ што неговата компанија, родител на Фејсбук и Инстаграм, не била поотворена за тоа. Цукерберг додаде дека во 2021 година имало одлуки кои што денес не би се донеле.
„Како што им реков на нашите тимови во тоа време, силно чувствувам дека не треба да ги компромитираме нашите стандарди за содржина поради притисок од која било администрација во која било насока – и ние сме подготвени да возвратиме ако нешто слично се случи повторно“, напиша Цукерберг.
Претседателот Бајден во јули 2021 година рече дека платформите на социјалните медиуми „убиваат луѓе“ со дезинформации околу пандемијата.
Портпаролот на Белата куќа одговори на писмото на Цукерберг, велејќи дека администрацијата во тоа време охрабрувала „одговорни активности за заштита на јавното здравје и безбедност“.
„Нашата позиција беше јасна и конзистентна: веруваме дека технолошките компании и другите приватни актери треба да ги земат предвид ефектите што нивните постапки ги имаат врз американскиот народ, додека прават независен избор за информациите што ги презентираат“, рече портпаролот.