ЦУК распореди цистерни со вода во Гостивар

Центарот за управување со кризи (ЦУК) соопшти дека ја координира акцијата за обезбедување и дистрибуција на вода во Гостивар, поради епидемијата што го зафати градот.

Директорот на ЦУК, Мухамед Али, денеска присуствувал на седницата на Главниот штаб во Општина Гостивар, каде што биле разгледани мерките за справување со состојбата. Потоа, заедно со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, учествувал на прес-конференција на која биле презентирани активностите за обезбедување вода за граѓаните.

Во моментов на терен се распоредени четири цистерни на следните локации:

  • Кај Болницата во Гостивар – цистерна од 5,5 тони вода за пиење;
  • Кај Здравствениот дом – цистерна од 2 тони техничка вода;
  • Кај Детската градинка – цистерна од 8 тони техничка вода;
  • Кај ОВР-МВР Гостивар – цистерна од 6 тони вода за пиење.

Во текот на денот во Гостивар се очекува да пристигнат уште девет цистерни и еден камион со резервоар за вода, и тоа:

  • Армија на РСМ – две цистерни од 6 и 10 тони со техничка вода;
  • Неготино – цистерна од 6 тони со техничка вода;
  • Кавадарци – цистерна од 6 тони со техничка вода;
  • Дебар – цистерна од 2 тони со вода за пиење;
  • Тетово – цистерна од 9 тони со техничка вода;
  • Струга – цистерна од 12 тони со техничка вода;
  • Охрид – цистерна од 6 тони со техничка вода;
  • Скопје – цистерна од 10 тони со техничка вода;
  • Кичево – камион со резервоар од 3 тони со техничка вода.

Според ЦУК, денес на располагање на граѓаните на Гостивар се ставени вкупно 100 тони вода за пиење и 78 тони техничка вода во цистерни.

Дополнително, дистрибуирани се 60.000 литри флаширана вода, обезбедена од Министерството за локална самоуправа, како и еден шлеп со флаширана вода за пиење, донација од Општина Неготино.

Од Центарот за управување со кризи најавуваат дека ќе продолжат со координација на сите активности на терен и континуирано следење на состојбата, во тесна соработка со надлежните институции, сè до нејзино целосно стабилизирање.

Пронајдете не на следниве мрежи: