ВЛАСТА ГО КАРА НАРОДОТ И ГО УЧИ НА РЕД. Вчера власта, преку нејзиниот гласноговорник, го искара народот, затоа што претходниот ден не се радувал, бидејќи на тој ден ЕУ одлучила во јуни идната година да дозволи да ни дозволи… На ова место, почитувани, почнувам да трокирам и ништо не разбирам, бидејќи тајни се патиштата Божји, но уште потајни се патиштата Европски. Како и да е, одсега властите ќе ги определуваат и чувствата народот – кога ќе му речат да се смее, тој ќе се смее, особено ако е присутен прочуениот олеснувач Џејмс Пердју, човекот под чиј притисок беше потпишан Рамковниот договор.
Тој му доаѓа како предвесник (дали и буревесник?) на Хојт Ли. Со нивните, како и со други слични ликови, децата во Македонија ќе бидат заспивани. Наедно, треба да се знае дека до народот нема да бидат испраќани наредби да плаче, бидејќи тоа е негова константна состојба. Но, дека неговите емоции, визии и надежи ќе бидат под контрола на власта е извесно, што е сосема во ред, бидејќи не е во ред да биде поинаку.
На тој начин, Македонија ќе тргне угоре, одејќи удоле.