Цуцуловски: КАПЛАРСТВОТО КРУЖИ

Суштината на капларскиот дух е да гази по она што се наоѓа под него и да свиткува кичма (ако ја има) пред сè што се наоѓа над него. Уште пониско од духот на Капларот, е духот на оние, кои и покрај сè, и натаму го подржуваат капларскиот дух, сметајќи се за умни, одмерени и реални луѓе. Меѓутоа, колку и да си вообразуваат дека се над Капларот и дека, токму затоа, го држат дури под контрола, изумуваат што се случи со Германија откако Капларот (1933) дојде на власт. Дури тогаш некои умно-умни глави сфатија дека духот што го создадоа почнал да господари со нив. Станаа каплари на сопствениот Каплар.
Нешто слично се случува и со македонските акварел „револуционери“; „авангардисти“; „светски луѓе“; „космполити и уметници“; „ренесансни луѓе“, кои поседуваат „универзални“ знаења… Сега молчат (дали засрамено?) пред делото што загосподари со нив, макар што тие го создадоа. Битно било, тврдеа, да се симнел режимот, не размислувајќи дека тоа беше најмалиот проблем, бидејќи проблемот никогаш не бил да се симне определана власт, туку да се воспостави нова, вистинска власт, со вистинско владеење на правото и на човековото достоинство. Молчат не само заради учеството во октроирањето и создавањето на оваа власт, туку молчат и затоа што треперат да не ги загубат ситните, мизерни привилегии, како што се членување во управен одбор; раководење со некакво фестивалче; издавање или преиздавање на некоја книга; па концерти (со добри хонорари) како за денот кога Македонија беше „примана“ во НАТО. Беда до беда, каплар до каплар, ситниш до ситниш, а над сите нив лебди духот на капларството.
Капларство кружи над Македонија – капларштината на неукоста, злобата и празнотијата; капларштината на малограѓанштината и паланката. Оние кои милуваа да го цитираат Радомир Константиновиќ, самите станаа предмет на неговата книга „Филозофија на паланката“. Никогаш не разбраа дека сè се може, освен да се избега од сопствениот менталитет. Еднаш каплар, стално каплар.

 

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.