Цуцуловски напиша проштални зборови за Панзова
ЗА ВИОЛЕТА. Тие што ме следат на фејсбук, веројатно забележале дека ретко кога пишувам (ако воопшто пишувам) за мои интимни моменти, за моите пријатели, колеги или за емоциите поврзани со нив. Секогаш сум се трудел во моите јавни настапи/пишувања да го одбегнам приватното, личното, оставајќи го за себе и за својата фамилија.
Вечерва (утрото се приближува) правам исклучок, бидејќи човек не е само суштество/машина која мисли, туку и која чувствува. Сега, пред само десетина минути, разбрав дека починала мојата блиска пријателка и колешка Виолета Панзова – Наскова. Заедно студиравме, заедно професионално се развиваме, заедно ги формиравме нашите фамили, ги растевме нашите деца и сега треба да се разделиме, без да можам да присуствувам на нејзиниот погреб.
Тоа го налага некрофилниот режим на движење: постарите лица од 65 години не смеат да излезат после 12:00 часот, сѐ до наредниот ден, во 10:00 часот. Велат, за нивно добро. Со Виолета (за мене Виолетче) се знаеме и пријателувавме од 1967 година. Професионално се развиваше во насока на логиката, особено математичката, симболичката. Јас продолжив во поинаква насока.
Што можам да кажам, освен дега тажам? Можеби имаше право Хегел кога тврдеше дека смртта е победа на родот над индивидот. Во спротивно, не би се раѓале нови индивидуи, а со тоа и нови јаки личности.
Сепак, колку родот и да доминира над индивидуата, респектот кон индивидуата и нејзините вредности остануваат незаменливи. Со смртта на некого, нешто празно и тажно останува во нас. Знам дека не можеш да ме чуеш (и обајцата не бевме теисти) но сепак, Виолета, ти велам „Здраво!“ П.С. Во моментиве се сеќавам на последните реченици, напишани од Роза Луксембург: „Бев, сум и ќе бидам!“.
На тема прочитајте уште и: