НИВИЦИ, ПРЕСПАНСКО. На 23.04.1945 год., во северниот дел од Грција, формиран е Народноослободителниот фронт (НОФ). Формиран е од Македонци, кои живееле во Костурско, Воденско, Леринско… Помеѓу другото, според првиот Устав на НОФ, негови цели биле борба против грчките монархофашистички сили, демократија, создавање на слободна грчка република, како и борба за опстанок на Македонците во Грција. Набргу, покрај Македонците, кон НОФ се приклучуваат и Власите од тој дел на Грција. На почетокот, Комунистичката партија на Грција (КПГ) манифестира отпор кон НОФ. И покрај почетните несогласувања, покасно (1946 год.) доаѓа до обединување на НОФ и Демократската армија на Грција (ДАГ), предводена од генерал Маркос Вафијадис.
Од своја страна, ДАГ е формирана и предводена од КПГ. Значи, доаѓа до заедничка борба на НОФ, ДАГ и КПГ, од една страна, против владините сили (познати како монархо-фашисти), од друга страна. Во борбите, владините сили претрпуваат сериозни загуби. По извесно време, воено се подржани (вклучувајќи авијација и напалм бомби) од САД и Обединетото Кралство. Во таква ситуација, ДАГ и НОФ ја губат воената и политичката иницијатива. Тоа го предизвикува егзодусот на населението од северниот дел на Грција и до конечен пораз на ДАГ (1949 год.). Вториот и, наедно, последниот Конгрес НОФ го одржува во селото Нивици, Преспанско. На 17 јуни оваа година, во истото село Нивици (грчиот дел од Преспа) треба да се потпише договорот помеѓу премиерот на Грција Алексис Ципрас и Зоран Заев, во име на… Прославувањето, како што се најавува, ќе се одржело во преспанскиот дел од Република Македонија.
Дали, се прашувам, совпаѓањето е случајно? Или, некои случајности, колку и да се чинат случајни, не се случајни?
Симболика на она што би требало да се потпише во Нивици (на 17.06. оваа година) е јасна: „Во 1949 година формално не капитулиравте. Меѓутоа, она што тогаш не го направивте, сега и формално ќе го сторите!“
Меѓутоа, суратите една работа не разбираат: едно е капитулацијата на една самовообразена власт, заедно со сета „интелектуална“ камарила околу неа, но дека сосема друго е капитулацијата на еден народ. Срамот и понижувањето на некои сурати, не значи срам и понижување на еден народ, сеедно дали тоа некому се допаѓало или не.