СЕЛЕКЦИЈА И АГРЕСИЈА. Конрад Лоренц е добитник на Нобеловата награда (1973) од областа на медицината. Еден од централните проблеми на неговиот научен интерес е агресијата, особено агресијата во видот (intraspecies), а не толку агресијата помеѓу различните видови (interspecies). За Лоренц јасно е зошто постои агресија помеѓу видовите. Волкот го напаѓа и убива јагнето за да дојде до храна. Човекот ги напаѓа/убива и волкот и јагнето за да дојде до храна, кожа и да се заштити. Според тоа, агресијата помеѓу видовите (interspecies) има биолошка функција/оправданост – опстанок на видот. Меѓутоа, која е смислата на внатрешната (intraspecies) агресија?
Зошто волкот го напаѓа другиот волк; зошто стаорците го прават истото и зошто, конечно, човек кон човек се однесува агресивно? Според Лоренц, и овој вид на агресија има биолошка оправданост. Таа е во функција на природната селекција, која не се води помеѓу припадниците на различни видови, туку внатре, во видот. Преку природната селекција (или преку агресијата/борбата во видот) треба да се утврди која единка е најмоќна/најспособна да раководи со заедницата (толпата, крдото) и, на тој начин, да ја одржува во живот. Значи, се работи за конкуренција. Затоа, волкот со волкот ја мери снагата; стаорецот со стаорецот; петелот со петелот… Потоа, победникот станува лидер/водач на заедницата, неограничено/суверено владее со неа. Тоа значи дека конкурент на волкот или на стаорецот не е пеперутката или зајакот, туку другиот волк, односно другиот стаорец.
Ако тезите на Лоренц се пренесат на планот на човековиот живот,се доаѓа до загрижувачки заклучоци, бидејќи следи дека конкуренција на човекот не е ниту едно друго живо суштество, освен другиот човек. Односно, единствената конкуренција на човекот е другиот човек. На овој начин може да се објасни и агресијата човек–човек. Преку неа, преку оваа безмилосна борба, се доаѓа до победникот. Што значи, до водачот, лидерот. Од ова следи дека човековата агресија (вклучувајќи ги и војните?) е природен процес, кој е во функција на природната селекција. Можните импликации од тезите на Лоренц стануваат уште позагрижувачки, ако се пренесат на планот на партиите, односно политиката. Несомнено е дека постои конкуренција, што значи значи и борба/агресија, помеѓу партиите, која би можела да се означи како еден вид борба interspecies; односно, како борба/агресија помеѓу видовите. Во случајов, тоа се партиите. Меѓутоа, вистинската селекција, вистинската партиска конкуренција е во видот. Тоа значи, во партијата. Внатре, во неа, треба да се оствари селекцијата, бидејќи вистински противник на лидерот на една партија не е лидерот на противничката партија, туку негов вистински конкурент/противник е друг припадник на истата партија – комунистот на комунистот; социјадемократот на социјалдемократот; демократот на демократот. Ако се прифатат тезите на Лоренц, тогаш е многу појасно зошто се води перманетна рововска војна во рамките на една партија, како онаа што, на пример сега, се води во СДСМ – од една страна е градоначалникот на Куманово (Максим Димитриевски) и, од друга, дел од раководството на СДСМ. Истиот принцип на партиска борба и селекција важи и за секоја друга партија, сеедно дали е тоа ВМРО-ДПМНЕ, Социјалистичката партија, ДОМ, Левица, некое политичко движење и сл. Овде е, можеби, и објаснувањето зошто е полсено да се дојде до меѓупартиски коалиции (макар партиите имале и сосема различни програми/идеологии) отколку до здружување и соработка во една иста партија или меѓу слични партии.
Нормално е дека кон ставовите на Конрад Лоренц треба да се има неопходната критичка дистанца, бидејќи се подложни на бројни недостатоци. Затоа и се критикувани од многу теоретичари. Еден од нив е Ерих Фром.
Кој пристап кон агресијата е поблиску до вистината, нека заклучи секој за себе, бидејќи Лоренцовото пристап кон агресијата е само еден можните пристапи.