СКОРО ТРИ ДЕЦЕНИИ… Проблемот на македонската политичка сцена не е што на изборните листи има луѓе кои немаат никакво или само скромно политичко искуство, бидејќи постојат моменти кога политичкиот ангажман е неопходен. Проблемот, исто така, не е што некои имиња со години не се тргаат од листите, како да се незаменливи. Проблемот е, според мене, во тоа што на листите се наоѓаат имиња на луѓе, кои цело време биле жестоки противници на политиката на одредена партија; што своите ставови и „симпатии“ ги менуваат од денес за денес, заборавајќи на утре. Накусо, во тоа што се прават коалиции (лични и партиски) со краток рок на важење. Овој манир на однесување трае скоро три децении. Кога настаните и проблемите се повторуваат и човек почнува да се повторува. Тоа е единствената причина зошто повторно преобјавувам веќе објавена сказна. Во неа, претпоставувам, повеќето читатели ќе ги препознаат двете тогашни партии – ВМРО-ДПМНЕ и Демократска алтернатива (ДА).
„Партијата за која ми раскажуваа не била безимена. Напротив, имала славно минато. Нејзина цел била на демократски начин да постигне национално единство. Затоа и се викала Демократска партија за национално единство – ДПНЕ! Набргу сфатиле дека додавката ‘демократска’ е непотребна, бидејќи јасно било дека е демократска. Името го смениле во НЕ. Значи, во партија за Национално Единство. Некои сметале дека НЕ е опозициска и револуционерна партија, бидејќи на тоа укажува и нејзиното име – НЕ! Некаде во тоа тоа време се формирала и партијата Друга Алтернатива. Скратено – ДА! Тешко можеле да се разберат целите на партијата. Не било јасно на што е алтернатива. Меѓутоа, многумина заклучувале дека партијата ДА е спротивна на партијата НЕ, бидејќи ‘не’ е антипод на ‘да’, како што и ‘да’ е антипод на ‘не’. Меѓутоа, заклучок бил неоснован. Партијата НЕ навистина била против старите нешта. Но, борејќи се против нешто, таа се борела за нешто – на пример, кога некој ќе ѝ рече НЕ на неправдата, тој во истиот момент вели ДА за правдата. Животот е, со други зборови, многу посуптилен отколку што изгледа. Оттука, НЕ е ДА. Од друга страна, секое ДА не е секогаш ДА. Ако се тврди дека некое однесување е неправедно, со тоа се одрекува дека е праведно. Следи дека ДА (на пр., ‘ДА, ова е неправда!’) е НЕ (на пр., ‘Не, ова не е правда!’). Значи, НЕ е ДА, а ДА е НЕ. Оттука, НЕ и ДА не се различни партии.
Затоа, лидерите на двете партии заклучиле дека нивните партии се сестрински. Со тоа се согласило и партијското членство, бидејќи какво е тоа партиско членство кое не се согласува со партиското раководство? Се дошло и до идејата двете партии да се обединат или, барем, да коалицираат. Меѓутоа, животот покажува дека проблемите искрснуваат кога најмалку се очекуваат. Настанал спор околу името на новата партија/коалиција. Дилемата била по кој редослед да бидат поставени имињата на партиите. Ако на почетокот биде ДА, тогаш името би било ДАНЕ, што упатува на машкост. Но зошто, прашувале другите, на почетокот да биде ДА, кога НЕ е постара и побројна партија? Затоа, предлагале името да биде НЕДА. Меѓутоа, првите сметале дека името НЕДА асоцира на женско – на нешто слабо, кревко и нежно. Тоа, пак, не било во согласност со револуционерната традиција на НЕ. Всушност, НЕ е НЕ, бидејќи на с вели НЕ. Односно, каква е таа револуционерност која започнува со ДА? Меѓутоа, и другите вешто одговарале. Сметале дека женственоста, сама по себе, не е лоша. Потсетувале дека само од женственоста може да се роди новото, што значи револуционерното, бидејќи мајчинството е женски принцип.
Работите уште повеќе се усложниле кога дошло време да се избира нов претседател на државичката Бивша Република на Четирите Волци. Во скратена форма, Бивша Република. Притоа, ретко кој умеел да каже кога се случила промента на името, а со неа и замената на државата. Полемиката се разжестила што во прашање дошло постоењето на коалицијата, против која, во меѓувреме, станало и партиското членство. Сметале дека коалицијата НЕ и ДА е непринципиелна, сеедно што, дијалектички гледано, НЕ и ДА претставуваат исто и сеедно што челникот на ДА принципиелно се залагал за принципиелна коалиција. Повремено (но само повремено!) бил и за непринципиелни коалиции, ако се принципиелно постигнати. Тој секогаш бил ЗА и затоа неговата принципиелна партија принципиелно се викала ДА.“
(Сказната „НЕ и ДА“ првпат ја објавив во „Дневник“ од 24 август 1999, Скопје, стр. 8. Денес ја пренесувам во нешто скратена форма.)
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.