Бугарската партија „Вазраждане“ поднесе предлог-закон за бугарскиот јазик, а филолози консултирани од бугарскиот портал „Офњуз“ посочија дека само во двете реченици од придружното писмо има четири јазични грешки. Тие забележале две неправилно поставени запирки, една погрешно употребена црта и формулацијата „законопроект на закона“.
Во самиот предлог-закон, кој има 27 члена, филолозите посочиле најмалку 13 правописни и интерпункциски грешки, како и повеќе од 20 стилски и други недоследности. Како пример го издвоиле членот 4, во кој се вели дека и усните и писмените изрази „се испишуваат“ на бугарски литературен јазик. Во истата одредба, зборот „български“ е напишан со вишок буква, како „българскси“.
Забелешките се однесуваат и на одредбите со кои се предлага воведување државен стандард за „бугарската форма на кирилицата“. Според филолозите, во текстот не е прецизирано како ќе изгледа таа форма, односно кои облици на буквите ќе ги пропишува стандардот.
Предлогот предвидува ограничување на употребата на странски јазици на натписи, табели, униформи и возила, со можност бугарските називи да се пренесат на латиница. „Офњуз“ ја оспорува и прелиминарната оценка дека финансиското влијание ќе биде минимално, посочувајќи дека примената на одредбите би можела да наложи замена на голем број постојни табели.





