Четири натпревари и нови возбудувања на Светското првенство

Во Сочи, денеска се очекуваат четири натпревари од Светското првенство во фудбал.
На програмата се натпреварите од групата „Ц“ и „Д“.
Австралија – Франција (12 часот)
Францускиот национален тим излегува на својот прв натпревар од Светскиот куп во Русија против Австралија, а избраниците на Дидие Дешан не ги кријат своите големи амбиции на турнирот. „Кенгурите“ се сметаат за еден од аутсајдерите во турнирот.
Франција го има најскапиот тим на Мундијалот. Меѓу изборот на Дешан има светски ѕвезди како Антоан Гризман, Килијан Мбапе, Пол Погба, Усман Дембеле, Рафаел Варан, Хуго Лорис и други.
Франција традиционално се претставува неубедливо во групите на светски шампионати. Репрезентацијата има само три победи во изминатите 12 натпревари во таа фаза (5 нерешени и 4 порази). Во Париз во пријателски натпревар Франција ја совлада встралија со 6-0.
„Кенгурите“ не може да се пофалат со голем успех на Светските првенства. Тимот има само две победи во 13 натпревари во завршниците, и само еднаш успеа да не прими гол (0:0 со Чиле во 1974 година).


Аргентина – Исланд (15 часот)
Аргентина го почнува Мундијалот против Исланд со неверојатен состав, предводен од Лионел Меси. До него се Серхио Агуеро, Пауло Дибала, Гонзало Игуаин и Анхел ди Марија.
Аргентинците се во една од најтешките групи – „Д“ со репрезентациите како Исланд, Нигерија и Хрватска.
Исланд е многу опасен ривал. Островската држава го доживува најсилниот период во фудбалската историја. Пред две години, селекцијата стигна до четвртфиналето на Евро 2016, а подоцна се покажа дека тоа не е случајност и одигра многу стабилна квалификациска кампања за Мундијалот во Русија, откако успеа за првпат во својата историја да стигне до светските првенства.
Перу – Данска (18 часот)
За Перу и Данска тоа ќе биде прв натпревар од Светското првенство.
Перу малку изненадувачки се најде на завршницата во Русија. Репрезентацијата се враќа на големата сцена по 36 години отсуство. Во селекцијата во последна минута влезе најдобриот стрелец на тимот, Хозе Паоло Герреро. Тој првично имаше забрана за играње во Русија поради користење кокаин, но неговата санкција подоцна беше укината и тој повторно ќе го предводи нападот.
Данска е во одлична форма. Тие не се поразени две години во вкупно 14 натпревари.
Хрватска – Нигерија (21 часот)
Дуелот помеѓу Хрватска и Нигерија е еден од најочекуваните во првата фаза од турнирот. Двете репрезентации се прилично изедначени.
Хрватска е еден од скриените фаворити на Светското првенство. Репрезентацијата има многу хомоген состав, со играчи кои настапуваат во најголемите европски гиганти. Лука Модриќ е најголемата ѕвезда, но освен него, селекторот Златко Далиќ може да смета и на фудбалери како Марио Манџукиќ, Иван Перишиќ, Иван Ракитиќ, Матео Брозовиќ, Симе Вршаљко и други.
Нигерија е традиционално тврда репрезентација со доволно добри фудбалери како Џон Оби Микел, Виктор Моузес, Алекс Ивоби, Келеши Иеначо, Ахмед Муса и Одион Игало.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.