Чешкиот здравствен систем се соочува со рекордни 1 789 пациенти на интензивна нега или на респиратори и со вкупно 8 478 пациенти со ковид во болниците и со само 14 отсто слободни капацитети
Чешка денеска го префрли првиот пациент со тешки симптоми на ковид-19 на лекување во Полска, откако минатата недела го активираше барањето за солидарност и помош од земјите во ЕУ кои се помалку погодени од пандемијата и можат да и помогнат.
Се работи за една постара жена со тешки симптоми која денеска е пренесена во болницата Рачиборж, во јужна Полска.
Ваквиот потег на чешките власти е поради тоа што нејзиниот здравствен систем е на раб на колапс, со само 14 проценти слободни кревети на интензивна нега.
Германија и Швајцарија веќе изразија подготвеност да и помогнат на Чешка со прифаќање на нејзините пациенти, бидејќи чешкиот здравствен систем се соочува со рекордни 1 789 пациенти на интензивна нега или на респиратори и со вкупно 8 478 пациенти со ковид во болниците.
Како резултат на првите десет дена од строг карантин, со кое движењето на Чесите е ограничено на областите во кои живеат, од вчера дневниот раст на новозаразени е намален на 10 466, или за околу 1 700 помалку во споредба со минатиот понеделник, а во цела Чешка во моментов се активни 163 034 заразени случаи.
Од почетокот на пандемијата, во Чешка со коронаворус беа заразени 1,33 милиони лица, од кои 22 147 починаа, а земјата, заедно со Словачка, е една од европските земји со најголем број жртви од пандемијата на милион жители.