„Овој празник е подвиг кој треба да ги победи човечките слабости, суетата, грешките кои неминовно се прават“, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ
Никогаш не ми е тешко да ја побарам прошката за работите кои можеле да бидат поинакви и подобри, од моите блиски, соработниците, од народот во кој цврсто верувам, напиша денеска на својот фејсбук-профил лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, честитајќи го денешниот празник Прочка, за кој вели дека ја носи пораката за простување, која е фундаментот на христијанството и вербата во Бога.
„Тоа е подвиг кој треба да ги победи човечките слабости, суетата, грешките кои неминовно се прават“,
вели тој.
Според него, човечки и исправно е да се побара прочка од оние кои му значат.
„За оние кои постојано грешат, за оние кои постојано, свесно и со години ја печалат својата индивидуална среќа, над колективната несреќа, кршејќи го законите, Уставот, ја злоупотребуваат власта, треба да знаат дека ќе има одговорност“,
напиша Мицкоски.
Вели дека со чисто срце и верба во Бога можеме да се избориме за посреќна, постабилна и просперитетна иднина.