Швајцарскиот гриер прогласен за најдобро сирење на светот

Швајцарското сирење гриер е прогласено за најдобро сирење на светот. Победникот го изгласал рекорден број на учесници од 26 земји на Светскиот натпревар на сирења во американската сојузна држава Висконсин.
За произведувачот на победничкото сирење, Михаел Шпихер од млекарата “Mountain Dairy Fritzenhaus” од Берн, ова е втора победа – тој победил и во 2008 година.
Второто место на натпреварот го зазеде уште едно сирење од Швајцарија: тврдо сирење од кравјо млеко “Gallus Grand CRU”, производ на “Hardegger Kase AG”.


Натпреварот кој секоја втора година се одржува во Медисон е најголем натпревар за сирење, путер и јогурт на светот, а започна во вторникот со рекордни 3.667 производи, кандидати за награда.
Сирењата ги дегустирале 55 судии кои во текот на натпреварот оценувале уште 132 категории на млечни производи. Судиите се професионални оценувачи на сирења, произведувачи како и купувачи, професори по технологија на млечни производи и научни истражувачи од 19 земји од светот и од 14 американски сојузни држави.


На претходниот натпревар во 2018 година, француското тврдо сирење од овчо млеко – “Esquirrou”, произведено во “Mauleon Fromagerie” освоило најмногу признанија.
Поради неможноста да допатуваат поради епидемијата на коронавирус, од овогодишниот натпревар изостанале еден судија и 30 лица од еден универзитет во Јапонија, соопштија организаторите.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.