Шефот на Мосад предложи директен напад врз Иран

Конфликтите на Блискиот Исток не престануваат. Директорот на Мосад, Дејвид Барнеа, им рекол на високите израелски претставници дека Израел треба да го нападне Иран за да ги запре нападите на јеменските Хути поддржани од Техеран, но израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и министерот за одбрана Израел Кац не се согласуваат со таа проценка.

Според весникот Харец, Барнеа ја покренал опцијата за време на серијата дискусии за немањето резултати од претходните израелски напади врз Јемен, но Нетанјаху и Кац биле на мислење дека Израел треба да продолжи со нападите врз Хутите.

„Мораме да тргнеме директно против Иран. Ако само ги нападнеме Хутите, не е сигурно дека ќе можеме да ги запреме“, им рекол Барнеа на безбедносните службеници, според извештајот на израелскиот Канал 13.

Канал 13 објави дека Нетанјаху се спротивставил, велејќи дека Иран е „друго прашање, кое ќе биде решено во соодветно време“, со што се согласиле безбедносните претставници.

Во средата, на првата ноќ на Ханука, Нетанјаху во своето обраќање вети дека Хутите, „како и другите непријатели на Израел“, ќе ги сносат последиците од нападите врз таа земја.

Во изминатите 10 дена, Хутите лансираа пет балистички ракети и најмалку пет беспилотни летала кон Израел во, како што тврдат, кампања за поддршка на палестинскиот народ за време на израелската војна во Појасот Газа.

Една од ракетите паднала во областа Тел Авив-Јафо, а здравствените власти соопштија дека во нападот полесно се ранети 16 лица.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.