Шилегов: Зазеленувањето останува на врвот на приоритетите на Град Скопје

Денес екипи на ЈП “Паркови и зеленило“, на првиот ден на пролетта, симболично засадија десет декоративни садници од видовите туја розенталис и ацер и 1.200 цвеќиња од видот виола – темјанушка во дворот на ОУ “Мирче Ацев“, во општината Ѓорче Петров. На акцијата на рзубавување на училишниот двор присуствуваа градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Наумовски, директорот на ЈП “Паркови и зеленило“ Ардијан Муча и ученици од училиштето.
– Во тек е редовното пролетно уредување на јавните зелени површини во градот. Оваа пролет е предвидено да се засадат повеќе од 1.200 повеќегодишни висококвалитетни листопадни и зимзелени садници во сите скопски општини. Работиме и на обновување на средишното булеварско зеленило. Градот од оваа пролет ќе биде побогат и за неколку нови паркови чие оформување е во тек, изјави Шилегов.
Од прес-службата на Град Скопје соопштија дека деновиве се работи на уредување на новиот парк Ибни Пајко зад зградата на Филхармонијата. Исто така се обновуваат зелените површини во Центар и во Карпош, на булеварот “Партизански одреди“, на парковите на булеварот “Февруарски поход“ и булеварот “Србија“ во Аеродром, на булеварот “Борис Трајковски“ во Кисела Вода, на улицата “Втора македонска бригада“ во Чаир, како и на паркот во близина на студентскиот дом “Кузман Јосифовски Питу“.
Градоначалникот Шилегов додаде дека зазеленувањето останува на врвот на приоритетите на Град Скопје, и дека со враќањето на зеленилото во градот се подобрува животната средина и квалитетот на воздухот.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.