„Шпански танц“ е насловен концертот на Филхармонија кој ќе се одржи в четврток (1 октомври) во 20 часот, на кој ќе бидат изведени Барокни варијации „Пасчакона“ од македонскиот композитор Благој Цанев и „Кармен свита“ од Бизе – Шчедрин. Со оркестарот ќе диригира Емил Табаков од Бугарија.
Благој Цанев (1937 – 2020) е македонски композитор чиј творечки опус се базира на неоромантизмот и неокласичната естетика. Цанев е првиот дипломец (1970) на Високата музичка школа (подоцна ФМУ), каде што подоцна дипломира и на Одделот за композиција во класата на проф. Властимир Николовски. Работи како професор во Средното музичко училиште, а потоа и на ФМУ. Неговиот опус бележи дела од повеќе музички родови, а најзначајни се хорскиот, камерниот и солистичкиот жанр.
Делата на Цанев ротираат околу класичниот хармонски и мелодиски призвук, а често лајтмотив, но и интегрирана суштина во неговиот опус е и инспирацијата од македонскиотмузичкифолклор. На полето на камерната музика ги остварува најзначајните творечки достигања.
Барокните варијации „Пасчакона“ за гудачки оркестар се напишани во стилот на необарокот како што сугерира и самиот наслов на композицијата. Делото е напишано како омаж на творештвото на Јохан Себастијан Бах, во 1985 година, по повод 300-годишнината од раѓањето на композиторот. Во него, користејќи ги музичките придобивки од барокот, Цанев вешто и инвентивно го трансформира опусот на Бах, вметнувајќи свој автентичен печат. Во „Пасчакона“, композиторот се инспирира од двете најпопуларни форми на барокот – пасакаља и чакона, креирајќи моќно музичко дело кое плени со својата јасна структура и едноставност.
Родион Шчедрин е руски композитор и пијанист (1932), припадник на генерацијата автори по онаа на Дмитри Шостакович. Неговата музика никогаш не е досадна, имал фантастична композиторска техника, совршено чувство за креирање оркестарски ефекти и боја, и исклучително остра и фокусиранa духовност. Најпознат е по неговата исклучителна балетска адаптација на операта „Кармен“ од Бизе – напишана за гудачи и перкусионисти во која совршено може да се согледа неговата неверојатна имагинација. „Кармен свита“ е музика за балет во еден чин, а ја напишал во 1967 година за својата жена – примабалерината Маја Плисецкаја. Шчедрин ја опишал адаптацијата на музиката на Бизе како „креативна средба на два ума“. Ѝ дал нова свежина и боја, збогатувајќи ја со впечатливи ритми. Балетот бил забранет од советските власти, бидејќи, според нив, адаптацијата на Шчедрин презентирала елементарно непочитување на оригиналното дело на Бизе.
Во суштина, Шчедрин успева да ѝ даде нов здив на музиката на Бизе и да создаде креативен омаж, наместо едноставен аранжман. Музиката за балетот е инвентивна и полна со енергија и активно го живее својот интернацинален живот како концертна свита. „Кармен свита“ е музичко дело кое совршено добро функционира и како музика за балет, но и како самостојно уметничко дело кое претставува редовен репертоар на светските оркестри.
Маестро ЕмилТабаков (1947)од Бугарија се смета за еден од најзначајните диригенти на овие простори. Од 1976 до 1979 работи како диригент на Филхармонијата во Русе, а од 1979 сè до 1988 година тој е уметнички раководител и диригент на реномираниот камерен оркестар „Софиски солисти“, со кој остварува значајни концерти низ светот. Во 1985 година,станува диригент на Софиската филхармонија, од 1987 година е нејзин главен диригент, а од 1988 до 2000 година музички директор и уметнички раководител. Од 1994 до 1999 година, маестроТабаков, наедно, е диригент и музички директор на Белградскиот филхармониски оркестар. Од 2002 до 2008 година, тој е главен диригент и музички директор на Билкент симфонискиот оркестар воАнкара, Турција, а од 2008 година и главен диригент на Симфонискиот оркестар на Бугарското национално радио. Досега реализирал повеќе од 250 симфониски и оперски записи за голем број музички куќи во Бугарија, Германија, Холандија, САД, а од нив се издвојуваат комплетните снимки на сите симфонии од ГуставМалер (колекција од 15 цедеа), комплетни циклуси симфонии од Александар Скрјабин и од Јоханес Брамс, сите концерти за пијано и оркестар од Лудвиг ван Бетовен…
Носител е напрестижни награди и како диригент, меѓу кои и на наградата личност на годината според Меѓународниот библиографски центар во Кембриџ, Англија, како еден од 100-те најдобри професионалци за 2012 година.
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.