Штедете и гответе оброци што не бараат многу вода, им препорача ИЈЗ на скопјани за викендов

Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) во пресрет на најавениот прекин во снабдувањето со вода на голем дел од Скопје и околината од утревечер, издаде препораки за кои вели дека ќе им помогнат на жителите на главниот град да се подготват и да го минимизираат влијанието од секнатите чешми.

Еве ги препораките од ИЈЗ за граѓаните:

1.Складирање на вода
– Складирајте доволно вода во чисти садови за пиење, готвење и хигиена. Потребни се најмалку 4 литри вода по лице на ден.
– Ако имате пристап до флаширана вода, набавете ја за овој период.
– Наполнете канти, кофи или големи садови со вода за санитарни потреби (чистење, миење, тоалети).
2.Штедење на вода
– Користете вода само за основни потреби како пиење, готвење и лична хигиена.
– Одложете активности кои трошат многу вода, како што се перење на алишта, чистење на автомобили и слично.
3.Хигиена
– Користете средство за дезинфекција на раце ако нема достапна вода.
– За лична хигиена користете влажни марамчиња.
– За мијалници или тоалети, користете вода од резервите или алтернативи како санитарни раствори.
4.Храна
– Гответе оброци кои не бараат многу вода за подготовка и миење.
– Користете еднократни чинии и прибор за јадење за да избегнете миење.
– Ако користите вода од неконвенционални извори (пр. бунар), секогаш превривајте ја пред употреба.
5.Информирање
– Следете ги локалните вести и објави од надлежните органи за информации и препораки.
– Почитувајте ги сите насоки дадени од здравствените власти.
6.Грижа за ранливи категории
– Осигурајте се дека бебињата, старите лица и лицата со здравствени проблеми имаат доволно резерви на вода.
– Планирајте ја потребата на вашите домашни миленичиња за вода.
7.Поддршка во заедницата
– Споделувајте вода со соседите доколку тие имаат потреба и проверете ги ранливите лица во вашата заедница.

Покрај ова, ИЈЗ издаде и посебен сет со препораки за здравствените установи и за угостителските објекти.

Пронајдете не на следниве мрежи: