По пропаѓање на првиот обид за издавање општинска обрзница од страна на Општина Штип, денеска на седница на Советот на Општината почна повторно постапка за издавање обврзница во износ од четири милиони евра, за реализација на неколку капитални проекти.
Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов на седницата на Советот на Општината истакна дека општината, со оваа обврзница ќе ги реализира капиталните проекти и ќе се развива.
На седницата имаше и политичка дискусија меѓу позицијата и опозицијата.
– „Факт е дека Општина Штип се раздолжува, се раздолжува од неодговорното работење на СДСМ од минатото. И тоа е факт. Општина Штип го враќа долгот и неодговорното работење на СДСМ“, вели Јорданов.
За продолжување на булеварот „Партизанска“, изградба на обиколница, изградба на затворен градски пазар, поставување на фотоволтаици на општинските објекти и поставување турбина на Филтер станицата кои треба да се реализираат со обврзницата советниците од СДСМ и коалицијата побараа да се наведе точна сума на потребни средства за реализација.
-„Советничката група на СДСМ бара да се наведат точни изности на тоа колку би чинело продолжување на булевар „Партизанска“, изградба на обиколница на булевар „Гоце Делчев“ до населба Ново Село преку Пребег, уредување на градскиот пазар, набавка на фотонапонски панели за производство на електрична енергија, набавка на турбина“, истакна координаторката на советничката група на СДСМ, Маријана Рогожарска-Поповска.
Од Општинската организација на СДСМ и во писмено соопштение додадоа дека тие не се против реализација на капитални проекти и тоа какошто велат неколкупати досега е покажано и во пракса. За добивање на општинска обврзница гласаа советниците од владеачкото мнозинство, а градоначалникот, Јорданов во неколку наврати истакна дека овојпат очекува Владата да не биде пречка за издавањето на обврзницата и Штип да почне вистински да се развива.
Пронајдете не на следниве мрежи: