Оваа година целиот свет ќе го слави 70 годишниот јубилеј од донесувањето на Универзалната декларација на човековите права. За правата запишани во таа Универзална декларација се бореа и Илинденците, и АСНОМ-ците и сите ние како современи македонски граѓани на нашиот заеднички дом – Европа. Како конституивен дел на југословенската федерација, Република Македонија учествуваше во создавањето на таа Универзална декларација. Дали денес ние сами ќе се избришиме од тековите на светската историја?
Ова го потенцираше претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во неговиот илинденски говор денеска во Крушево.
-Што би кажале нашите преродбеници и револуционери за она што ни го оставија во наследство, посочи претседателот Иванов, осврнувајќи се на идеалите на значајни личности од македонската историја.
Иванов запраша што би рекол Карев за состојбата на нашата Република и дали и Македониумот во кој е погребан ќе го преименуваме? Запраша што би рекле Гоце Делчев, Даме Груев и Ѓорче Петров за идеалот на револуцијата?
Македонскиот претседател се осврна и на пораката на Димо Хаџи Димов, кој што како што кажа не упатил постојано да чекориме кон нови и славни Илиндени, како и на заветот на Прличев, да се познаеме себеси, да се почитуваме себе си, и да се чуваме себе си со тоа што ќе ја чуваме татковината.
-Сте се запрашале ли што би рекол Мисирков, кој го издигна македонскиот јазик како основен белег на македонскиот народ, како непобитен факт за нашата самобитност?Што би рекол Конески, кој заклучи дека „за нас повеќе отколку за многу други во светот, јазикот претставува, со сè што е на него создадено, како говорен и пишуван текст, најголемо приближување до идеалната татковина. Македонскиот јазик, е заправо единствена наша комплетна татковина.“ Што би рекол тој за лажните пророци кои ја урнисуваат таа наша идеална татковина? Што би рекол Рацин за овие темни мугри што надвиснале над нас? Што би рекол Вапцаров кој не учеше како самосвесно да си ја сакаме татковината, и тоа без протекторати? Што би рекол Гане Тодоровски кој во едно слично време-невреме запраша „ќе не има ли тогаш кога ќе не нема – ако не немаше токму тогаш кога требаше да не има?“, рече претседателот Иванов.
Шефот на државата ги спомена и Кузман Јосифовски – Питу и АСНОМ-ците, од чии дела, како што рече тој, сега се одрекнуваме, и чиј манифест сега ќе сме го цензурирале.
-Што би рекол Ченто, првиот претседател на втората АСНОМ-ска Република Македонија која ни ја остави за да ја пазиме како зеницата во окото?, праша македонскиот претседател.
Иванов во својот говор потсети и на ставовите на неговите претходници, поранешни претседатели на Република Македонија, Трајковски и Глигоров.
-Што би рекол Борис Трајковски, кој на 100-годишнината од Илинден, тука, од ова исто место потенцираше дека во Европа не се влегува без идентитет и достоинство?И конечно, што би рекол Киро Глигоров кој не потсети дека нашата независна македонска република е нешто најскапо што го имаме, бидејќи Македонија е се што имаме?, рече Иванов.