Колкумина од вас досега чуле за синдромот „мртов задник“? И ние сега го дознавме овој израз и мора да признаеме дека малку се исплашивме. Тоа што ни е веќе на сите познато е дека долгото седење, како на работа, така и во домот, може негативно да влијае на нашето здравје. Но, тоа што можеби не сте знаеле е дека од оваа активност може да се случи да ја изгубите функцијата на одредени мускули во задникот.
Имено, поминувањето премногу време во седење може да создаде таканаречена „глутеална амнезија“ позната и како синдромот „мртов задник“. Синдромот се развива кога еден од мускулите на задникот познат како глутеус медиус не е доволно стимулиран со движење и со текот на време ја губи својата функција. Ако ова не ви е доволна мотивација да почнете со повеќе одење или вежбање, тогаш треба да знаете дека овој мускул е одговорен и за убаво обликуваниот и затегнат задник.
Последиците од овој синдром, покрај виснатиот задник, се болки во лумбалниот дел на половината, колковите, колената, па дури и во глуждовите. Ако сакате да проверите дали сте почнале да го развивате овој синдром, направете го Тренделенбурговиот тест. Сè што треба да направите е да ја подигнете едната нога во воздух. Ако карлицата ви „западне“ во делот каде што ногата е подигната, треба да почнете да се грижите. Тоа значи дека глутеусот во тој дел од телото ви е слаб.
Клекнувања, вежби за глутеус, прошетка и трчање се само дел од начините да го подигнете својот задник и да го спречите омилениот дел од вашето тело да стане нефункционален. Не дозволувајте да стигне до оваа штета и потоа да биде предоцна да ја поправите!