Видеото што го објави пратеничката Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ за лидерот на Сојузот на синдикати на Македонија и неговите малолетни деца, не само што го заостри односот на Владата кон синдикатот, туку предизвика и жестоки политички препукувања , дилеми и отворени прашања. Реагираше и експертскта и граѓанска јавност и дилемата , дали повторно се враќаме на следење , сликање , заокружување и прислушување, веќе видено и осудено од демократската јавност.
По синдикалната блокада во вторникот на Собранието, пратеничката Стојаноска сакајќи да го дискредитира Трендафилов објави видео од него и неговите малолетни деца алудирајќи дека тој користи службено возило за приватни цели, по што веќе следниот ден Трендафилов на прес-конференција побара акција од надлежните институции и постапка за одземање на пратеничкиот мандат на Стојаноска.
Нема да потклекнам, нема да се предадам се додека не се предадат тие и не ги зголемат рабтоничките плати, но ќе дозволите да зборувам за монструмите, оние кои не се под детските кревети. Оние кои седат во пратеничките клупи, кои ги гледате во кафулињата, кои ги гледате на улица, кои ги имате во партија, кои снимаат малолетни деца. Монструмите не се само на телевизија, монструмите се покрај сите нас, изјави Трендафилов.
По ова следеа рафални прес-конференции и објави за поддршка на Стојаноска, а од политичката партија Левица побараа оставка од Стојаноска со образложение дека она што го прави таа е далеку од пратеничка функција.
Пратеник е носител на народен суверенитет, лице на кое граѓаните му ја доверуваат законодавната моќ со обврска да постапува разумно, одговорно и во јавен интерес. Мандатот не е привилегија за демонстрација на сила, туку обврска за заштита на достоинството на граѓаните и на демократскиот поредок. Кога некој ја користи функцијата за таргетирање поединци, за вовлекување семејства и деца во политички пресметки и поттикнување атмосфера на заплашување, тој престанува да ја остварува суштината на пратеничката улога и ја сведува функцијата во параван за партиска агресија, сметаат од Левица.
Лидерот на Левица, Димитар Апасиев на Фејсбук напиша – Добро утро Дафино. Чиви ДЕЦА ќе објавуете денеска по мреживе? #ГнасиВмроидни на што Стојановска напиша – Добро утро и на тебе, Кончито. Оди прво исперите тоа кошулите измастени црни. #ГадуриЛевичарски
Премиерот Христијан Мицкоски во неговата последна изјава пред да оди на Минхенската безбедносна конференција го осуди говорот на синдикалниот лидер Трендафилов.
Мицкоски, кој застана на страната на Стојановска и побара јавно извинување од Трендафилов, обвинувајќи го за погрдните зборови што ги употребил Трендафилов, заборави дека и тој самиот за Трендафилов рече дека е влезен во една специфична состојба кога се обидува да биде на сцената во Македонија, а од друга страна кога ќе биде критикуван тогаш почнува да навредува и со крвави зеници и белки во очите напаѓа мајки, сестри, сопруга….
Што е Пратеник
Во Етичкиот кодекс на пратениците, уште во првите членови, меѓу другото се наведува дека пратеникот во вршењето на својата функција се придржува на основните етички начела, стандардите и правилата на професионално однесување, како што се: објективност, јавност и одговорност, заемно почитување, почитување на угледот на Собранието, како и почитување на интегритетот на други лица.
Пратеникот функцијата ја извршува без предрасуди и дискриминација во однос на полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото верското уверување, имотната и општествената положба, почитувајќи ги слободите и правата на човекот и граѓанинот, се наведува меѓу другото во Етичкиот кодекс.
Чуму ПРАТЕНИК
Ваквото однесување на политичките елити во земјава го отвора прашањето колку тие, кои се избрани од народот, се подготвени за достојно вршење на јавната функција. И она суштинското, работат ли народните избраници во интерес на граѓаните , или се обични мегафони и извршители на нарачките од париите, кои пак работат само за својот рејтинг и борба за власт. Си ги трошат ли партиите своите пратеници, колку за еднократна употреба( читај мандат) ?
ДО сега беше поразително кога собраниската говорница се злоупотребуваше за ширење на говор на омраза, обични клевети и лаги за политичкиот противник, па инмавме тепачки и упади во собраниската сала, прекинување на седници , но оваа нова „пратеничка пракса“ на следачи и пазачи, детективи… е сериозен аларм за преиспитување на овој институт. Голема е дилемата што е, и која е улогата на пратеникот ? Дека не се контрола на Владата е реалност, тогаш кои се? Што се овие преплатени функционери ? Народот ги избира, ги плаќа но кој ги користи кому му требаат!?…


