Што најчесто ги мачи жените на почеток во брак?

Бракот е круна на љубовната врска. Размената на бурми, заветот пред Бога и споделувањето на среќата со најблиските и саканите предизвикуваат солзи радосници и чувство кое не може да се купи со пари.

Но, брачната заедница е институција која бара многу повеќе од љубов. За некои претставува заплеткана загатка, сложувалка во која е потребно сите парчиња да бидат подредени што е можно подобро, за да образуваат близу совршена слика во која ќе уживаат.
Жените, слично како и мажите, вообичаено се соочуваат со своите „демони“ непосредно по блескавиот чин. Наместо да се капат во новосоздадената среќа и вниманието кое го добиваат од страна на сопругот, жените во својот ум започнуваат да негуваат одредени грижи поттикнати од неизвесната иднина.

„ЌЕ ЗАПОЧНЕ ДА МЕ ЗЕМА ЗДРАВО ЗА ГОТОВО“
Жените се плашат дека штом ќе помине фазата на меден месец, ќе започне да стивнува страста и нема да бидат специјална личност во очите на сопругот како што биле на почетокот на врската. Стравот донекаде е и оправдан, бидејќи со текот на годините многу партнери забораваат колку е важно да го ценат секој гест од саканата личност и колку е важно никогаш да не ги сфаќаат здраво за готово љубовта и вниманието кои ги добиваат.Многу сопруги ги мачи мислата дека партнерот ќе престане да се труди да ги заведува со мили и романтични гестови само затоа што имаат бурма на раката. Да, венчалниот прстен дава сигурност, но тоа не треба да служи како изговор за пасивност на љубовен план.

И двајцата не треба да ги заборавите зборовите „Те сакам“ и „Благодарам“, да ги штедите усните кога станува збор за делење комплименти и да ги направите реткост романтичните изненадувања.

„МОЈОТ ФИЗИЧКИ ИЗГЛЕД ЌЕ СЕ ПРОМЕНИ И ПОВЕЌЕ НЕМА ДА ГО ПРИВЛЕКУВАМ“
Стресот, бременоста и годините ќе играат јо-јо со вашиот надворешен изглед. Денешното тежнеење кон надворешен перфекционизам и желбата да се изгледа совршено го засенија концептот за достоинствено стареење. Токму поради ова, голем број жени се исплашени дека со текот на годините ќе престанат да го привлекуваат партнерот.

Најважно е да се трудите секогаш да го извлечете својот максимум, без претерување секако. Пред сè, вие треба да сте задоволни од својот изглед, па потоа да очекувате да му се допаднете и на сопругот.

Доколку се чувствувате несигурни, започнете со физичка активност, нов режим на исхрана или променете ја фризурата или бојата на вашата коса.

Вистината е дека секогаш ќе има позгодни и поубави жени. Но, тој ве одбра вас и вам ви ја дарува љубовта. Ако тоа не е доволно добра причина да се чувствувате убаво и задоволно со себе, подобра и нема да пронајдете.

И не заборавајте, физичкиот изглед се менува, внатрешната убавина е она што останува да блеска и сјае. Негувајте ги двете подеднакво.

„СЕКСОТ ЌЕ СТАНЕ МОНОТОН И ЌЕ СЕ СЛУЧУВА ПОРЕТКО“
… само доколку вие го дозволите тоа. Во морето на илјадници изговори, недостаток на време, замор, главоболка, нерасположеност итн., размислете колку пати сте употребиле или барем сте помислиле на овие „џокери“ за исклучување од сексуалната игра.

Не дозволувајте да згасне сексуалниот жар помеѓу вас и партнерот. Вие најдобро знаете што сакате и што ве привлекува и искористете ја предноста. Погледнете ја ситуацијата од поинаква перспектива – брачната заедница нуди повеќе простор и слобода за сексуално уживање. Конечно можете да ги направите сите оние работи кои ги посакувате, а претходно во врската немавте доволно простор или време.

Сексуалното темпо ќе се промени, а вие погрижете се да биде кон подобро.

„КАВГИТЕ ЗА ПАРИ ЌЕ СТАНАТ СЕКОЈДНЕВИЕ“
Финансиите умеат да бидат дел од порцијата брачни стравови кои можат врската навистина да ја исфрлат од колосек. Реалноста е таа, парите се можеби крвотокот, но не и кислородот на врската.

Пред да започнете караница која вклучува финансиски средства, размислете за што навистина се расправате и вреди ли да се губи драгоцено време и трпение на книжни банкноти. Парите можеби причинуваат стрес, но не дозволувајте тој да ескалира до граници на еруптирачки вулкан.

Разговарајте смирено и разумно кога станува збор за финансиите во бракот. Доколку е потребно, седнете со лист и пенкало и направете план за заеднички буџет. Анализирајте каде ви одат парите и на кој начин може да заштедите.

Факт е дека еден од двајцата е секогаш поекономичен и има подобри способности за распределување на парите. Доверете му ја таа функција нему или пак себеси, без место за лутина.

„ЌЕ БИДАМ ЛИ ДОБРА МАЈКА?“
Штом си го поставувате ова прашање, одговорот е ДА – ќе бидете добра мајка. И вие, како и секоја друга жена, го поседувате тој мајчински инстинкт кој ќе се пробуди веднаш штом ќе го допрете вашето бебе.

Насочете се повеќе кон разговори со саканиот кои се однесуваат на помошта од негова страна, распределба на обврските и на тоа како ќе направите простор за новиот член кој ќе ја трансформира брачната заедница во семејна.

Секако дека ќе бидете добра мајка, но ќе бидете уште подобра доколку имате поддршка и сигурност од страна на сопругот.

„ШТО АКО НЕВЕРСТВО НИ ГО РАСТРЕСЕ БРАКОТ?“
Навистина не можете да знаете како ќе реагирате кога би се нашле во таква лоша ситуација. Некогаш сè може да оди глатко и мазно и на хоризонтот да нема ниту едно темно облаче, а веќе следниот момент да станете дел од бесна бура.

Не дозволувајте мислите да ви се затрујат со вакви прашања и недоумици. Во спротивно, ќе започнете да се однесувате параноично како неверството веќе да се случило или да се случува, а со тоа ќе го загрозите мирот на брачната заедница.

Ова е еден од тие пресвртни моменти за кои ќе размислувате само ДОКОЛКУ се случат. Сè дотогаш немате причина за загриженост.

„СЕ ПЛАШАМ ДА НЕ ЗАВРШИМЕ КАКО РОДИТЕЛИТЕ/КОМШИИТЕ/ЕДНИ ПРИЈАТЕЛИ“
За жал, примери за лоши бракови има насекаде, независно дали завршиле со развод или опстојуваат на обострано незадоволство на сопружниците. Многу жени се плашат дека ќе очајуваат во брак без секс или брак кој не завршил единствено поради децата, други пак стравуваат од развод кој им се случил на нивни блиски.

Во секој случај, најдобро е да го задржите погледот само во вашата чинија, наместо да се плашите дека истиот хаос од туѓата чинија ќе се префрли и кај вас. Единствено е дозволено да ѕиркате кај другите ако од нивните грешки можете да извлечете поуки.

„ЌЕ ИЗГУБАМ ДЕЛ ОД ЛИЧНОСТА КОЈА СУМ“
Факт е дека од година в година еволуираме и се менуваме. Животот со друга личност неминовно води кон прилагодување и менување на одредени вкусови и навики. Не гледајте на ова како на нешто лошо, непожелно или погрешно.

Прегрнете ја промената, затоа што многу веројатно е дека ќе ве обликува во подобра личност.

Запаметете дека емотивно зрелите личности постојано се трансформираат и партнерот ќе ви влијае вам онолку колку и вие нему. Во тој процес гледајте да ги одберете и понудите најпозитивните квалитети.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.