Што носи Бучковски од Бугарија? Не смее да дојде до замрзнување на меѓусебните односи

Што носи специјалниот претставник Бучковски назад во земјава. Дали одговор кој македонското МНР го чека уште од ноември минатата година или пак како што велат од бугарското МНР нивен акциски план за соработка со нашата земја во спроведување на Договорот а кој се однесува на сите министерства. Бучковски вели дека ќе бидат разгледани бугарските коментари на нашиот акциски план и ќе се изгради јасна позиција, но не открива детали на што се однесуваат коментарите.
„Без разлика на интензитетот на моите патувања и средби, очигледен е интересот на двете страни да не се дозволи замрзнување на односите или комуницирање само преку медиуми или преку посредници. Нашата блискост како два народи и две држави со заеднички моменти од минатото и заеднички погледи кон историјата не упатува и двете страни да преземеме чекори до наоѓање решение.“, вели Бучковски.
Според пишувањата на бриселски „Еуроактив“ Бугарија практично поднела свој акциски план и со тоа, како што наведува, се обидува да ја намали напнатоста меѓу двете земји. Според дипломатски извори предлозите на Софија се поврзани со железницата, патиштата, инвестиции на бугарски компании во Македонија, како и отворање на кампуси на бугарски универзитети. Во планот имало и делови за учебниците по историја. Министерот за надворешни работи Бујар Османи во вчерашното интервју за ТВ21 рече дека нашиот предлог во Акцискиот план е да се унапреди целокупната соработка меѓу двете влади.

„Сметаме дека независно од овие разлики што ги имаме по однос на некои прашања министерствата треба да продолжат со реализација на нивната агенда на соработка. Инфраструктурните проекти мора да продолжат, соработката во културата, во образованието и во другите сектори и сите тие се содржани во еден акциски план кој што господинот Бучковски треба да ги следи на дневна основа.“, вели Османи.
Овој документ инаку, треба да биде потпишан на претстојниот состанок на заедничката Меѓувладина комисија.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.