Долго време се веруваше дека мастите во исхраната се штетни. Трендот на диети со малку маснотии и годините совети за избегнување на масти создадоа впечаток дека треба да консумираме што е можно помалку од нив. Но, мозокот е орган кој е составен од околу 60 проценти масти и му се потребни за да гради клетки и да пренесува нервни сигнали. Иако премногу масти не се добри за здравјето, премалку од нив не е без последици, пишува EatingWell.
Не сите масти се создадени еднакви, особено кога станува збор за здравјето на мозокот.
, На мозокот му се потребни незаситени масти, додека заситените и транс мастите треба да бидат ограничени“, објаснува д-р Келијан Ниотис.
Нутриционистката Меги Мун додава дека мастите треба да сочинуваат 20 до 35 проценти од вашите дневни калории, при што поголемиот дел доаѓаат од незаситени извори, како што се омега-3 масните киселини.
Послаба концентрација
Мастите не се само извор на енергија, туку се и важен дел од структурата на мозокот. Кога нема доволно од нив, комуникацијата меѓу нервните клетки станува помалку ефикасна, што може да ја наруши концентрацијата, донесувањето одлуки и решавањето проблеми. Од особена важност е доволниот внес на омега-3 масни киселини DHA, EPA и ALA, кои телото не може само да ги произведе.
Проблеми со меморијата
Премалиот внес на здрави масти може да влијае и на меморијата, особено на помнењето на секојдневните настани.
„Кога нема доволно есенцијални масни киселини, клетките во хипокампусот, делот од мозокот одговорен за меморијата, функционираат помалку“, вели Мун.
На долг рок, исхраната богата со незаситени масти може да помогне во зачувувањето на когнитивните способности.
Промени во расположението
Здравите масти се важни и за расположението бидејќи влијаат на воспалението и функцијата на мозокот. Тие се неопходни и за апсорпција на витамин Д и други хранливи материи кои учествуваат во производството на серотонин, еден од клучните невротрансмитери поврзани со расположението.
Повисок ризик од деменција
Изборот на масти во исхраната, исто така, може да влијае на ризикот од когнитивен пад. Омега-3 масните киселини помагаат во намалувањето на воспалението, намалувањето на триглицеридите и одржувањето на здравјето на срцето и крвните садови, што исто така придонесува за подобро снабдување со крв во мозокот и може да го намали ризикот од деменција.
Најдобри извори на здрави масти
Храната препорачана во MIND диетата, која ги комбинира медитеранската и DASH диетата, е особено корисна за здравјето на мозокот. Меѓу најдобрите извори на здрави масти се масните риби како што се лососот, скушата и сардината, кои се богати со омега-3 масни киселини. Се препорачува да се јадат барем еднаш неделно.
Добар растителен извор на омега-3 масни киселини и јод се алгите, додека екстра девственото маслиново масло е богато со мононезаситени масти и антиоксиданси, што го прави добар избор за секојдневно готвење.
Оревите содржат ALA омега-3 масни киселини, а нивната консумација е поврзана со подобра краткорочна меморија. Чиа и ленено семе се исто така одлични растителни извори на омега-3 масни киселини, особено за луѓе кои не јадат риба.
Авокадото е богато со мононезаситени масти кои придонесуваат за здрав проток на крв во мозокот. Семките од перила се малку помалку познати, но тие се многу богат растителен извор на ALA омега-3 масни киселини.
На мозокот му се потребни здрави масти
На мозокот му се потребни здрави, незаситени масти за правилно функционирање. Внесувањето доволно омега-3 масни киселини може да помогне во одржувањето на концентрацијата, меморијата и расположението, а може да го намали и ризикот од когнитивен пад на долг рок. Затоа е добра идеја редовно да вклучувате масна риба, маслиново масло, јаткасти плодови, семки и авокадо во вашата исхрана.
The post Што се случува со вашиот мозок кога не јадете доволно масти? appeared first on Во Центар.



