Ѓоковиќ ги поддржа протестите на студентите против Вучиќ

Новак Ѓоковиќ ги поддржа студентите, средношколците и професорите кои со недели протестираат и бараат одговорност за трагедијата во Нови Сад и смртта на 15 луѓе во уривањето на настрешницата на железничката станица. Освојувачот на 24 гренд слем титули по тој повод се огласи на својот профил на Икс.

„Како некој кој длабоко верува во силата на младите и нивната желба за подобра иднина, сметам дека е важно да се слушне нивниот глас. Србија има огромен потенцијал, а образованата младина е нејзината најголема сила. Она што на сите ни е потребно се разбирање и почит. Со вас, Новак“, објави српскиот тенисер на Икс.

Тој претходно ги поддржа и протестите против отворањето рудници за литиум во Србија.

Веднаш по несреќата на 1 ноември започнаа протести предводени од опозициските партии и студентите, кои ја обвинуваа владата за корупција, невнимание и непотизам. Студентите бараа објавување на сите документи поврзани со реконструкцијата на железничката станица и ослободување на сите притворени демонстранти. Српскиот претседател Александар Вучиќ на 11 декември вети дека ќе ги објави сите документи поврзани со овој случај, но протестите и блокадите продолжија.

Во акцијата наречена „15 минути тишина“, денеска се блокирани белградскиот и новосадскиот универзитет, како и сите факултети во Ниш и Крагуевац, зашто студентите велат дека нивните барања не се исполнети. Прекин на наставата е најавен и во бројни средни училишта. Повеќе од 2.300 членови на академската заедница во Србија ја потпишаа петицијата за поддршка на студентите, меѓу кои и управи на факултети и универзитети.

Пронајдете не на следниве мрежи: