Ѓоковиќ сака што поскоро да се врати на тениските терени


Тенисерот број еден во светот, Новак Ѓоковиќ, проговори по операцијата на коленото на која беше извршена во средата, велејќи дека сѐ поминало добро и дека ќе даде сѐ од себе што поскоро да се врати на тениските терени.

Ѓоковиќ се повреди на осминафиналето на Ролан Гарос против Аргентинецот Франциско Серундоло, а поради повредата без борба му го предаде четвртфиналниот меч на Норвежанецот Каспер Руд.

„Вчера морав да донесам тешки одлуки откако го скинав менискусот на мојот последен натпревар на Ролан Гарос. Сè уште обработувам сè, но среќен сум што можам да ве известам дека операцијата помина добро“, напиша Ѓоковиќ во објавата на Instagram.

„Навистина го ценам тимот на лекари кои беа покрај мене, како и огромната поддршка што ја добив од моите навивачи“, додаде српскиот тенисер.

“Ќе дадам сѐ од себе за да бидам здрав и подготвен да се вратам на терените што е можно поскоро. Мојата љубов кон овој спорт е силна и желбата да се натпреварувам на највисоко ниво е она што ме одржува и натаму”, порачува Ѓоковиќ.

Со оваа повреда, завршија стремежите на Ѓоковиќ за рекордна 25. Грен-слем титула и ќе резултира со негово паѓање од првото место на АТП-листата во понеделник, каде што ќе биде заменет со Италијанецот Јаник Синер.

Не е познато колку долго ќе трае опоравувањето, но медиумите пишуваат дека српскиот тенисер ќе мора да паузира три седмици, што значи дека ќе мора да го пропушти третиот Грен-слем во сезоната на Вимблдон.

Вимблдон, кој Ѓоковиќ го освои седум пати, ќе се одржи од 1 до 14 јули, додека тенискиот турнир во сингл на Олимпијадата во Париз е закажан од 27 јули до 4 август.

Пронајдете не на следниве мрежи: