Ѓорѓиевски: БРТ станува реалност – Владата го одобри проектот за модерен јавен превоз во Скопје

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информираше дека проектот за брз автобуски превоз (БРТ) влегува во фаза на реализација, откако Владата го одобри Договорот за негово имплементирање. Станува збор за еден од најзначајните инфраструктурни зафати за модернизација на јавниот превоз во главниот град.

Според Ѓорѓиевски, БРТ системот ќе функционира како „метро на тркала“, со посебни ленти за движење, приоритет на раскрсници и висока фреквенција на возила, што ќе овозможи побрз, посигурен и предвидлив превоз, објави 4news.mk Целта е значително да се намалат гужвите, времето на патување и загадувањето на воздухот.

Проектот предвидува изградба на две линии – Исток–Запад и Север–Југ, набавка на CNG/хибридни нископодни автобуси, воведување патнички информативен систем и паметни станици, како и интеграција со системот за управување со сообраќајот во градот.

Со договорот се утврдуваат обврските и координацијата меѓу Министерството за финансии, Министерството за транспорт и врски и Град Скопје, а средствата во износ од 70 милиони евра од Европската банка за обнова и развој ќе бидат пренесени како неповратни средства за реализација на проектот.

Пронајдете не на следниве мрежи: