По долгогодишна запуштеност, повторно ќе бидат ставени во функција две цвеќарници на ЈП „Паркови и зеленило“ – „Роза“ на булеварот „Илинден“, наспроти фонтаната „Лотос“, и цвеќарницата кај Министерството за економија, најави градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Според него, веќе се спроведуваат активности за нивна темелна реконструкција, по што објектите повторно треба да станат уредени и достапни за граѓаните.
„Скопје ги памети местата во кои започнуваа убавите моменти. Градските цвеќарници беа дел од тие спомени, таму младенците ги избираа букетите за својот најважен ден, се купуваше цвеќе за честитки, за благодарност и за радост во нечиј дом. Мали места со големо значење за многу генерации скопјани“, напиша Ѓорѓиевски.

Тој порача дека обновувањето на ваквите градски простори е дел од грижата за наследеното и зачувувањето на препознатливите места во Скопје.
„Имаме обврска да се грижиме за она што го наследивме, да му дадеме нова вредност и да го оставиме со гордост на генерациите што доаѓаат. Секој обновен простор е уште еден зачуван дел од нашиот град“, истакна градоначалникот.
Ѓорѓиевски најави и дека цвеќето и услугите во обновените цвеќарници ќе се нудат по пристапни и фер цени, со образложение дека убавиот гест треба да биде достапен за секого.



