недела, 29 ноември 2026
Најново

Ѓорѓиевски: Мостот на „Љубљанска“ во функција до крајот на годината

Претпочитан извор Додај го Пулс24 во твоите извори на Google Додај

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, Претседателот на Владата на Република Македонија, Христијан Мицкоски и Градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, денеска извршија увид во градежните активности на мостот на „Љубљанска“. По години застој, продолжува финалната фаза од поврзувањето на улиците „Љубљанска“ и „Скупи“, со цел до крајот на оваа година мостот да биде ставен во функција.

Град Скопје

– Скопје предолго чекаше, време е да се движи напред! Дадениот збор за мене е обврска. А довербата што ја добив од вас, мојот народ, е одговорност што ја носам секој ден. Да работам, да ги решавам проблемите што со години стоеле заглавени и да испорачувам резултати што ќе ги почувствувате во сопственото секојдневие. За нашиот град, ова поврзување има огромно значење. Нова сообраќајна врска меѓу северниот и западниот дел на Скопје, подобар пристап до Злокуќани, Бардовци и Индустриската зона, побрз и побезбеден излез кон обиколницата и растоварување на булеварите „Партизански одреди“ и „Илинденска“. Зад сето ова стои она што им е најважно на граѓаните – помалку време во колони, полесно стигнување до работа и повеќе време со семејството – изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.

ПУЛС24.МК - 14 ГОДИНИ

Значајно е да се нагласи дека застојот поради потребното мислење и дозвола од Конзерваторскиот центар за заштита на локалитетот „Скупи“ е надминат.

– Со сериозна работа и одговорен пристап, дозволата која моите претходници ја закочија е обезбедена, заштитата на културното наследство е запазена, а градежните активности од денес продолжуваат со засилен интензитет – нагласи Ѓорѓиевски.

Градоначалникот Ѓорѓиевски истакна дека се гради современо и целосно сообраќајно решение, со коловоз широк 12 метри и четири сообраќајни ленти, по две во секој правец, на вкупна површина од 5.350 квадратни метри. Од двете страни ќе има пешачки и велосипедски патеки, секоја широка по два метра, со вкупна површина од 3.815 квадратни метри, кои ќе овозможат безбедно и удобно движење за сите учесници во сообраќајот. Изградени се потпорни ѕидови од двете страни на булеварот, со 2.050 кубни метри бетон, атмосферска канализација во должина од 473 метри и улично осветлување со 40 столбови, за поголема безбедност и прегледност.

Паралелно, Град Скопје работи и на изградбата на мега парк на површина од 70.000 квадратни метри во Карпош, со партерно и хортикултурно уредување, пешачки патеки, хидрантска мрежа и урбана опрема.

– Создаваме нов простор за прошетки, рекреација и дружење, а продолжуваат и активностите за расчистување на кејот на Вардар. Скопјани заслужуваат уреден кеј и зеленило во кое ќе уживаат сите генерации –  рече Ѓорѓиевски.

Градоначалникот Ѓорѓиевски изрази голема благодарност до премиерот Христијан Мицкоски за огромната поддршка и личната посветеност, кој со конкретни дела покажува како се сакаат сопствениот град и државата.

– Таа поддршка ни дава сила да ги придвижуваме заглавените проекти и заедно да ги правиме Скопје и Македонија поубаво место за живеење. Скопјани заслужуваат модерен и функционален град. Град во кој се стигнува полесно, се живее поубаво и се гледа дека некој се грижи – истакна Ѓорѓиевски. 

Поврзани вести