Јавните обвинители останале без плата – немаат добиено плата за септември!

Синдикалната организација на јавните обвинителства при Синдикатот на УПОЗ алармира дека дека вработените во Јавното обвинителство уште не добиле плата за септември. Оттаму посочуваат дека неколку месеци по ред платите во ЈО се исплаќаат со задоцнување и со пробивање на законски утврдениот рок до 15-ти во месецот.

„По доаѓањето на новата власт за јавнообвинителските службеници се исплаќаат додатоците на плата во износ од 20 отсто. Исплатата на платите за сите вработени – јавните обвинители и службата – не оди без проблеми. Според информациите со кои располагаме тешко се добива одобрувањето од Министерство за финансии за пренамена на парите, за да може да се земат додатоците на плата, што прави да се одолговлекува исплатата на платата“, објави синдикатот на фејсбук-страницата на УПОЗ.

Оттаму велат дека се свесни за целосно руинираниот буџетот на државата, но, додаваат дека ние не бараат повеќе од она што им следува по закон.

„Сакаме да ја запознаеме јавноста дека функционерите (обвинителите) и службениците воопшто не се исти. Службениците во обвинителствата ги извршуваат своите работни задачи чесно, ефективно и ефикасно, иако еден службеник извршува работни задачи за тројца или четворица, поради недостатокот на вработени. Ние како јавнообвинителски службеници не се мешаме во политиките на Владата, само бараме да се цени трудот на оние кои што си ја вршат работата ревносно и професионално и да не се дозволи да трпат сите оние кои што за ништо не се виновни ниту за довербата, ниту пак за функционирањето на обвинителството“ велат од синдикатот.

Просечната плата на вработените во јавнообвинителската служба, се посочува во објавата, е 28.000 денари.

За јуни платата е исплатена на 16 јули, за јули на 8 август, а за август на 18 септември, по донесувањето на ребалансот на буџетот.

Пронајдете не на следниве мрежи: