Македонија е подготвена да чека на прием до 2030 година. Ако до тогаш не бидеме примени, ние не сме подготвени повеќе да седиме пред вратите на ЕУ, таму застануваме – вели Јакимовски
Кандидатот за претседател на државата Стевчо Јакимовски денеска истакна дека неговата програма во однос на надворешнатa политикa оди во три правци – јакнење на нашите позиции во НАТО, продолжување на патот кон членство во Европската Унија, како и јакнење на економската политика.
„Јакнење на нашите позиции во НАТО-структурите и заложба за малку поголем респект и малку повеќе почит и кон дрѓавата и кон граѓаните на Република Македонија, како од НАТО, така и од нашиот стратешки партнер Соединетите Американски Држави и од Европската Унија. Исто така, продолжуваме на патот кон ЕУ, сѐ што треба реформи да правиме, ќе правиме, но со јасно ставање до знаење на ЕУ и на сите членки дека Република Македонија е подготвена да чека на прием до 2030 година. Ако до тогаш не бидеме примени, ние не сме подготвени повеќе да седиме пред вратите на ЕУ, таму застануваме, а не се откажуваме од европскиот пат но тогаш ќе бараме сопствен пат за развој на Република Македонија, а пред сѐ за носење на инвестиции и за отворање на работни места, затоа што ваквата нивна политика со сѐ нови и нови барања, со долгогодишни притисоци врз јавноста, врз нас Македонците, практично ни ги исели нашите деца и ние останавме во празна држава“,
кажа Јакимовски.
Канидатот за шеф на државата смета дека економската дипломатија треба да зајакне во земјите кадешто имаме силни трговски врски.
„Но, во исто време ќе инсистирам да Република Македонија подготви проекти за најмалку 50 милијарди евра со коишто ќе се побараат директни странски инвестиции во нашата држава. На таков начин ќе се подигне економијата, ќе се отворат нови работни места, ќе се зголеми бруто-општествениот производ, но во исто време и да се подготви државата за обновата во Украина“,
посочи Јакимовски.