Јанев: Мапирани црните точки низ државата, без свесност стануваме потенцијални убијци на патот

Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, истакна дека е неопходно воведување системски решенија за намалување на човечкиот фактор во сообраќајот, со цел зголемување на ефикасноста и безбедноста.

„Мораме да го елиминираме и човечкиот фактор преку системски решенија, особено во делот на вметнување техника наспроти човечки фактор. Убеден сум дека со тоа ќе го подобриме системот и ќе ја зголемиме ефикасноста“, изјави Јанев.

Осврнувајќи се на учеството на малолетници во сообраќајот, Јанев потенцираше дека е потребна повисока свест кај родителите и институциите.

„Како родител и како предводник на институција, сметам дека мора да ја подигнеме нашата лична свест. Загрижен сум што на малолетници им се овозможува пристап до возила и моторцикли, што ги прави активни учесници во сообраќајот без соодветни дозволи“, додаде тој.

Јанев нагласи дека анализите покажале сериозни проблеми во сообраќајот, при што биле идентификувани критични точки низ целата држава.

„Проблемот со сообраќајот е согледан и анализиран. Мапирани се критичните точки, не само во Скопје, туку низ целата држава. Започнуваме со системски пристап, во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот и останатите чинители, за подигнување на културата во сообраќајот на повисоко ниво“, истакна директорот.

Тој предупреди дека прекршувањето на сообраќајните правила може да има фатални последици.

„Не може ако знакот е 60, некој да вози 100. Ако е 100, да вози 200. Работиме на законски измени, со кои мерките ќе бидат порестриктивни, а казните повисоки. Но најважно е да ја промениме свеста – доколку не го почитуваме ограничувањето и возиме со несоодветна брзина, ние стануваме потенцијални убијци“, заклучи Јанев.

Пронајдете не на следниве мрежи:

©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.