Иако болестите на срцето најчесто се поврзуваат со машкиот пол, тие се најчестата причина за смртност кај жените над 40 годишна возраст, особено кај жените после менопауза. Затоа не треба да ги игнорирате советите на експертите за намалување на ризикот од срцеви заболувања.
Консумирањето на јаткасти плодови, како дел од вашата исхрана е добро за здравјето на срцето. Јаткастите плодови не се скапа храна, лесни се за складирање, идеални се за ужина, многу едноставно можете да ги земете со вас на работа или на училиште и содржат незаситени масни киселини.
КАКО ЈАТКАСТИТЕ ПЛОДОВИ МУ ПОМАГААТ НА СРЦЕТО?
Повеќето научни истражувања, во кои учествуваат луѓе кои консумираат јаткасти плодови како дел од диета за здраво срце, покажуваат дека јаткастите плодови го намалуваат нивото на LDL (low-density lipoprotein), т.е. „лошиот“ холестерол во крвта. Зголеменото присуство на LDL е основна причина за појавата на срцеви заболувања. Поради тоа, јаткастите плодови со својата способност да го намалуваат „лошиот“ холестерол, го подобруваат здравјето на срцето. Консумирањето на јаткасти плодови го намалува и ризикот од згрутчување на крвта, кое може да предизвика фатален срцев удар. Сепак, цврсти докази за влијанието на јаткастите плодови врз здравјето на срцето нема, затоа што резултатите од истражувањата само укажуваат на тоа влијание, но не го потврдуваат целосно.
ШТО СОДРЖАТ ЈАТКАСТИТЕ ПЛОДОВИ?
Иако зависи од самиот вид, јаткастите плодови содржат најмалку некои од овие супстанции: Незаситени масти. Експертите веруваат дека „добрите“ масти, кои ги има во јаткастите плодови, го намалуваат „лошиот“ холестерол.
Омега-3 масни киселини. Многу јаткасти плодови содржат омега-3 масни киселини. Најчесто овие масни киселини се наоѓаат во рибата, но јаткастите плодови се најдобар нивен растителен извор.
Л-аргинин. Јаткастите плодови содржат и многу Л-аргинин. Тоа е супстанција која помага во подобрувањето на здравјето на ѕидовите на артериите, преку тоа што им ја подобрува флексибилноста и ги прави помалку склони кон згрутчување на крвта.
Растителни влакна. Сите јаткасти плодови содржат растителни влакна, кои можат да го намалат холестеролот во крвта. Растителните влакна ве прават да се чувствувате сити и со тоа ќе јадете помалку. Исто така, тие се смета дека помагаат во превенцијата од дијабетес.
Витамин Е. Истражувачите сè уште не се сигурни, но се смета дека витаминот Е може да го спречи развивањето на талог во артериите. Со тоа се намалува ризикот од појава на срцев удар или коронарни артериски болести.
КОЛКУ ЈАТКАСТИ ПЛОДОВИ ДА ЈАДЕТЕ?
Јаткастите плодови содржат многу масти. Скоро 80% од нив се масти. Иако поголемиот дел од овие масти се здрави, не треба да се консумираат многу од овие плодови, поради тоа што се висококалорични. Треба да јадете јаткасти плодови умерено. Јадењето на една шака јаткасти плодови (42.5g) дневно, може да го намали ризикот од срцеви заболувања. Сепак тоа не е доволно за да имате здраво срце. Јадењето на јаткасти бадеми, лешници или кикирики, нема да ви помогне, ако не го намалите консумирањето на храна која содржи заситени масти.