Како што информира министерката минатиот месец, за реконструкцијата на Универзална сала за оваа година се обезбедени вкупно 120 милиони денари, а предвидени се средства и за следните две години. За 2025 година се обезбедени 443 милиони денари, а истата таа сума се предвидува и за 2026 година
Универзалната сала во Скопје доби нова купола. Како што објави министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на Фејсбук, со замена на старата купола непречено се одвива првата фаза од реконструкцијата на Универзалната сала која ќе ја обликува надворешноста на зданието.
„Ја крунисавме Универзална сала со поставување нова покривна купола. Во тек е реконструкцијата на препознатливиот елемент на мултимедијалниот објект, симболот на солидарно Скопје. Со замена на старата купола непречено се одвива првата фаза од реконструкцијата на Универзалната сала која ќе ја обликува надворешноста на зданието. Универзалната сала има долга и значајна културна меморија за градот и државата низ чие постоење се претставувала културата низ различни форми. На публиката и на граѓаните им должиме нова, современа и автентична сала. На дело покажуваме како се грижиме за развојот на културата и нејзината промоција“,
напиша Костадиновска-Стојчевска.
Како што информира министерката минатиот месец, за реконструкцијата на Универзална сала за оваа година се обезбедени вкупно 120 милиони денари, а предвидени се средства и за следните две години. За 2025 година се обезбедени 443 милиони денари, а истата таа сума се предвидува и за 2026 година.
Универзалната сала треба да биде готова за три години.
На 20 јули годинава, со 26 гласа „за“, Советот на Град Скопје ја прифати иницијативата за времено предавање на ингеренциите за реконструкција на Универзалната сала на Министерството за култура.
Министерката Костадиновска-Стојчевска изминатиот период упатуваше апели до градоначалничката и Советот на Град Скопје да излезат во пресрет бидејќи Скопје е избран да биде Европска престолнина на културата во 2028 година, а Универзална сала е институцијата која аплицирала.
Град Скопје избран од ЕУ за Европска престолнина на културата за 2028 година