Јотова: Без Бугари во уставот, нема напредок за Македонија кон ЕУ

Вршителот на должноста претседател на Бугарија, Илијана Јотова, изјави дека Софија е загрижена од информациите дека Северна Македонија разгледува алтернативни начини за отворање други поглавја во преговорите за членство со Европската Унија, наместо да започне со првата група поврзана со човековите права.

Според неа, токму првиот кластер ја сочинува основата на целиот процес на преговори и Бугарија нема да прифати негово заобиколување или одложување.

„Северна Македонија не треба да се залажува дека постои пократок пат; до јуни мора да се реши прашањето дали сè уште сака да биде дел од ЕУ“, изјави Јотова.

Во рамките на Минхенската безбедносна конференција, таа се сретна со претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, со кого разговараше за проширувањето на Европската Унија, случувањата во Западен Балкан и бугарската позиција во однос на процесот на европска интеграција на Северна Македонија.

Јотова повтори дека без измени на Уставот на Северна Македонија и без вклучување на Бугарите како дел од народите во државата, нема да има напредок во процесот на европска интеграција. Според неа, овие услови се во согласност со европските критериуми и се дел од договорената рамка.

Таа нагласи дека до јуни, со ангажман на Бугарија и европските партнери, мора да се најде решение ако Северна Македонија сака да продолжи по патот кон членство во Европската Унија.

Конечно, Јотова додаде дека Бугарија ќе продолжи силно да ги брани своите национални интереси во рамките на европските институции и во НАТО, нагласувајќи дека Европа мора да преземе поголема одговорност за безбедноста и иднината на регионот, особено имајќи ја предвид улогата на Бугарија како надворешна граница на ЕУ.
The post Јотова: Без Бугари во уставот, нема напредок за Македонија кон ЕУ appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: