Компанија за кибербезбедност и управување со глобални надворешни закани „Сајфирма“ (Cyfirma), со седиште во Сингапур, објави дека хакери, за кои постои сомневање дека се поврзани со севернокорејската група „Лазарус“, планирале да нападнат повеќе од 200 сервери во светот.
Според „Сајфирма“ хакерите во октомври означиле 216 сервери во десет држави како потенцијални мети за кибернапади. Фирмата дошла до списокот на хакерите од корејско говорно подрачје, на која се наоѓаат владини агенции, банки, телекомуникациски компании и инфраструктурни провајдери.
Во азиско-пацифичкиот регион се наоѓаат 148 сервери идентификувани како цели, по што следуваат Северна Америка со 49 и Блискиот Исток со 19 сервери. На САД и Јапонија заедно отпаѓаат 44,4 отсто од вкупниот број, додека на листата се вклучени и 30 сервери од Јужна Кореја, истакнува „Сајфирма“.
Според сингапурската компанија хакерите сакале да ги нападнат серверите за да остварат финансиска добивка и поради шпионажа. Во извештајот се наведува дека не се хакирани сите сервери од списокот.
„Сајфирма“ предупредува дека ажурирањето на веб-апликациите нема да ја реши ранливоста на серверите и ги повика администраторите да воведат построги безбедносни мерки.






