Јавното претпријатие за државни патишта известува дека лицето Миланчо Митревски на 28.07.2024 година е назначен со времено задолжение од три месеци за координатор за контрола во Одделението за наплата на патарини и контрола.
Јавното претпријатие за државни патишта ќе го прекине временото задолжение за координатор за контрола и ќе ги преиспита изнесените наводи во јавноста, затоа што Законот треба да важи за сите независно на која позиција или функција се.
Претходно СДСМ излезе со серија обвинувања.
Новите скандали кои ја тресат ЈПДП покажуваат дека во ДПМНЕ нема никаква промена, се враќа грубата партизација и бруталната злоупотреба на институциите.
Шефот на контрола во Наплатната служба на патарините во Петровец, Миланчо Митревски, ДПМНЕ и Коце Трајановски го поставија на оваа позиција иако не ги исполнува условите поради тоа што бил фатен со бројни злоупотреби. Митревски наплаќал повеќе пари на патарините, а вишокот пари си ги земал за себе.
Но скандалот е уште поголем затоа што кадарот на Коце и ДПМНЕ, Митревски не плаќа патарини.
За ова говорат снимки од патарините кои ни ги доставија свиркачи, како и електронската евиденција на патарините кои целосно потврдуваат дека Митревски кога проаѓа со возилото на патарина не плаќа патарина откако е назначен.
Тоа што ДПМНЕ застана во целосна одбрана на Митревски говори дека ДПМНЕ вака ја замислува власта.
Партиските шерифи да ја злоупотребуваат позицијата, да не ги почитуваат законите и прописите, да не плаќаат патарина, со еден збор да прават што сакаат.
СДСМ повикува на итна одговорност и разрешување, потенцирајќи дека злоупотребите се показател за неспособноста на раководството на ЈПДП и Коце Трајановски.