Човекот на одлука кој синоќа ја потопи Италија проговори за одлучувачкиот гол кој ја донесе Македонија на чекор од историски пласман на еден Мундијал.
„Искрено уште не сум свесен, а мислам дека не се ни моите соиграчи што направивме вчера. Многу сум среќен затоа што стварно го заслужуваме ова и ние и цела Македонија да се радува на ваков успех. Се надевам дека тука нема да застанеме затоа што, како што реков и пред натпреварот, дека секогаш веруваме во нас и тоа нѐ наградува. Нѐ чека уште една борба, да се случи таа историја да отидеме на тоа Светско првенство кое сите го сонуваме“, вели тој во изјава која до медиумите ја испрати ФФМ.
Раскажува и како дојде до тој момент да упати удар од дваесетина метри во 2. минута од судиското надополнување.
„Очекував само да издржам 90 минути, да се заврши натпреварот и потоа да одмориме за понатаму. Но, потоа кога ја видов таа топка како доаѓа, и едноставно со последни сили успеав да шутнам, целиот фокус го ставив во тој последен шут. Не знам, како да беше судено да морам да дадам гол на тој стадион каде поминав убави 4 години. Излезе сѐ како што треба и се израдувавме сите“, вели играчот кој од 2015 до 2019 ги бранеше боите на Палермо, клубот кој го носи името на градот и кој настапува токму на стадионот каде синоќа се играше натпреварот.
Македонија победи, но патот до Катар е сѐ уште трнлив бидејќи во вторник нѐ чека нов пеколен натпревар со уште еден европски колос, Португалија на Кристијано Роналдо.
„Сега треба само добро да се одмориме и потоа да се спремиме добро затоа што Португалците имаат доста индивидуалци, имаат одлични фудбалери. Мора добро да се спремиме и пак да веруваме дека можеме да излеземе на тој терен и да покажеме дека можеме и со нив да се носиме. Знаеме дека ќе биде тешко, но фудбалот прави чуда. Ете, се случи и тоа вчера, можеби никој не веруваше, но сепак се случи, затоа фудбалот е најубавиот спорт каде се случуваат чуда во кои некој не може да поверува. Ќе отидеме во Португалија да го дадеме нашиот максимум и се надевам дека ќе отидеме на Светско“.